Случајот „Диригент“ диригиран од Германија и од Австрија
Меѓу осомничените за трговија со хероин, има и неколкумина кои веќе неколку месеци се во затворите во овие две земји
Љубиша Станковиќ
Речиси сите осомничени за недозволено производство и трговија со опојни дроги и за перење пари и други приноси од казниво дело, односно приведените во операцијата „Диригент“, остануваат на издржување на мерката притвор, што им беше изречена кон крајот на минатата недела од истражен судија. Всушност, во сила останува и одлуката на судијата за активен притвор и за оние што се' уште се водат како недостапни, но и за оние што се веќе на издржување затворски казни во Германија и во Австрија. Од осомничените, само тројца, со судска одлука, се опфатени со таканаречена превентивна мерка, што подразбира нивна обврска редовно да се јавуваат во судот, а привремено им се одземаат и патните исправи.
На долгата листа осомничени во меѓународната акција, која носи оперативно име „Диригент“, а кај домашната јавност е позната како „Франкфуртска мефија“, се најдоа имињата на 32 лица, а дури осуммина од осомничените веќе извесно време се на издржување мерка притвор во затворите во Австрија и во Германија.
За веќе споменатите кривични дела, ЈО ги осомничи таткото и синот Спасе Д. (45) и Томе Д. (24), Зоран М. (70), Дејанче А. (31), Александар В. (38), Един Ѓ. (32), Сашко Ј. (26), Блаже С. (31), Живко О. (25), Стојанчо Е. (26), Сузана Д. (45), Б.Д. (18), Ивана Д. (23), Саша Л. (21), Благој Д. (26), Даниел М. (23), Игор К. (23), Тони К. (20), Коле Ѓ. (40), Антонио Р. (31), Мартин П. (22), Мартина И. (25), Петре П. (34), Виктор А. (28), Томе А. (44), Никола С.Ц. (23), Перко Г. (53), Аце Т. (43), Оливер П. (30), Трајанче Г. (35), Јорданчо С. (30) и Веле П. (31).
Најголемиот број осомничени и приведени во големата полициска акција се од Велес, но има и лица од Скопје, Свети Николе, Гевгелија и од уште неколку други помали места во државава, но веројатно поради активноста на велешаните, групата која тргувала со хероин и' е позната на домашната јавност и како „велешка мафија“.
Според Основното јавно обвинителство задолжено за гонење кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата, „франкфуртската мафија“ функционирала од 2005 година, а австриската и германската полиција задолжена за спречување на трговијата со наркотични дроги, во текот на летото и во изминативе два месеца презеле сеопфатни акции за апсење на оние македонски државјани кои активно учествувале во транспортот и препродажбата на хероин.
Обвинителството стои зад своето тврдење, според кое Спасе и Томе Д., како и Зоран М., организирале свои мрежи на посредници и препродавачи на хероин, а потоа дошло до нивно здружување заради организирање на транспорт и дистрибуција на дрогата во Германија и во Австрија. Имено, во овие држави се препакувал пристигнатиот хероин, а потоа преку нивните посредници и препродавачи, дрогата завршувала на улиците.
Во големата мрежа на посредници, транспортери и препродавачи, освен споменатите, се нашле и некои други лица кои засега се непознати за истрагата или се познати под нивните прекари.
Системот, кој бил воспоставен од организаторите на групата, функционирал така што по продажбата на хероинот парите што биле заработени се препраќале преку „Вестерн унион“ и „Мани грем“ на конкретни лица во државава.
Во февруари оваа година Зоран М., кој во тоа вре��е престојувал во Виена, ги испратил Веле П. и сведокот да извршуваат конкретни задачи. И додека првиот требало да дејствува како посредник и продавач на хероинот, вториот требало да замине за Франкфурт каде што од непознато лице требало да набави 1027,4 грама хероин. Откако била набавена дрогата, таа требало да м�� биде предадена на посредникот, но тој и неговата сопруга биле лишени од слобода, а австриската полиција ја пронашла и транспортираната дрога.
Три месеци подоцна, на речиси идентичен начин, завршила и набавката на 1001 грам хероин и два килограми смеса со кој бил мешан хероинот. Овој пат како транспортер се јавува лицето Васил В., а кој во тоа време престојувал во Виена. Според упатствата што ги добил од сега осомничениот Спасе Д., тој требало со воз да замине во Франкурт, а по неговото враќање дрогата требало да ја предаде на посредник, кој по нејзиното препакување требало да им ја даде на други двајца осомничени.
За транспортот Васил В. требало да добие помеѓу две и три илјади евра, но на 8 мај на Западната железничка станица во Виена падне во рацете на полицијата, а кај лицата на кои требало да им ја предаде пратката полицијата пронашла и запленила уште 1.759 грама хероин, 89 грама кокаин и 2.093 грама смеса за мешање на хероинот.
Ваквите случување се повториле и во текот на јули, на три пати во октомври и еднаш во ноември кога и ќе дојде до активирање на полициите на трите земји.
Јавното обвинителство со неверојатна точност ги наведува висините на исплатите што оделе од Австрија и Германија кон Македонија, како и имињата на сите оние лица на чии имиња гласеле девизните исплати.
|