Лакавичката долина не стана Калифорнија
Браната „Мантово“ целосно запусти 8.000 хектари плодни ниви, десетици села, неколку стотици домаќинства
Иван Бојаџиски
ШТИП - Акумулацијата „Мантово“ целосно ја запусти лакавичката долина која изобилува со над 8.000 хектари плодни ниви, десетици села, неколку стотици домаќинства... Изградена е уште во 1975 година, со идеја да влијае на подобрувањето на социјалниот и економскиот развој на луѓето од овој крај.
И наместо да биде услов за просперитет, браната стана главна кочница за колку-толку пристоен живот на луѓето од лакавичката долина.
„Кога се градеше браната, имавме ветувања дека нашата долина ќе биде претворена во македонска Калифорнија. Верувавме во тоа, бидејќи за такво нешто имавме се' освен вода во систем со кој ќе може умно и корисно да се управува. Пред изградбата на ‘Мантово‘ од Крива Лакавица, река од која се полни акумулацијата, наводнувавме дури и оризови полиња, кои бараат многу вода. По изградба на браната и преградување на реката, пуштија само малку вода, колку да се одржел биолошкиот минимум. Ветуваа систем за наводнување на најмалку 3.000 хектари, но не бидна ништо од тоа. Сега над нас имаме брана чии води одат за радовишкото поле, а лакавичкиот дел при вода остана на суво“, вели Исмаил Сабејдин. Тој со петчленото семејство живее во селото Лакавица низ кое минува патот Штип - Радовиш.
Стојан Харалампов нагласува дека жителите на Лакавица, Пухче, Лесковица, Суво Грло, Степанци, Балталија, Горачино се очајни. Ова подрачје од памтивек живеело, а и сега живее од земјоделство. На времето, кога функционирал ЗИК „Црвена ѕвезда“, дел од жителите работеле во комбинатот, а стотина луѓе биле вработени во рудникот „Неметали“, кој сега има само двајца-тројца вработени. Сепак, луѓето од лакавичкото подрачје најмногу егзистирале од своите ниви, кои раѓале буквално се'. Но, така било само во времето пред да се изгради браната, а во Крива Лакавица имало вода за сите потреби.
„Таков парадокс само нам може да ни се случи. Наместо со браната да имаме повеќе вода, бидејќи таа се акумулира преку целата година, наместо да обезбедиме поголемо и поквалитетно производство, а со тоа и стандард, ние сме во постојан страв од тоа дали пролетта и летото ќе има врнежи за да добиеме каков-таков род. Биолошкиот минимум кој се пушта од браната се губи на два-три километри под неа. Теренот е песоклив, речното корито речиси и го нема, а штом дојде летото, реката останува и без минимум вода“, нагласува Харалампов.
Економскиот аналитичар Стојче Самарџиев, по потекло од Лесковица, вели дека еден од главните адути во елаборатот за оправданоста од изградбата на „Мантово“ бил наводнување на најмалку 3.000 хектари плодни ниви во лакавичката долина.
„Дури 6.000 хектари плодно земјиште кое порано се обработувало, бидејќи за него имало вода од реката, сега е напуштено. Браната ја секна реката, ама го секна и животот на над илјада домаќинства во селата покрај неа. Малите количини вода кои до летото ги има во реката доаѓаат од планината Серта, додека 60 проценти од речното корито на Крива Лакавица од ‘Мантово‘ надолу веќе не постои. На тој регион, пред изградбата на браната, имаше десетици илјади овци и кози, голем број крупен добиток, многу овоштарници. Се' што ќе се посееше даваше добар род. Секоја куќа чуваше по неколку сандаци со пчели, ама сега ги нема. Обновата на лакавичката долина е можна само ако профункционираат механизмите за соработка меѓу општините Штип, Радовиш и Конче и ако надлежниот ресор го реши овој голем проблем“, коментира Самарџиев.
Лакавица е село со седумдесетина куќи и околу 300 жители. Има и млади луѓе кои работат на семејните ниви. Васе Арсов, 26-годишно момче, го сретнавме во малата семејна продавница за прехранбени производи.
„Проблемот со реката е многу жална приказна. Не попусто селата се изградиле покрај Крива Лакавица, оти нема живот без вода. Јас сум млад и не го паметам времето пред изградбата на браната, но секој ден од постарите ги слушам тие приказни. Не ми треба градот, ја сакам земјата која ја работам. Но, мора да се создадат услови за да се живее од земја. На Крива Лакавица мора да и' биде вратена водата. Потребен е систем за наводнување на нивите, бидејќи водата и така џабе стои во браната“, сугерира Арсов, кој со својата мајка обработува неколку хектари жито.
Неговата сосетка, Ружица Николова, заминала во Штип каде што работи во една од бројните конфекции. „Нашите села се запустени. Во нив нема услови за живеење и затоа заминав во Штип. Ако не беа конфекциите, прашање е дали и јас немаше да останам тука и да се прашувам како да ја обезбедам иднината“, вели младата жена.
Моментно браната „Мантово“ е преполна, што значи дека има акумулирано над 40 милиони кубни метри вода. Тие води и годинава остануваат заробени во акумулацијата и не се ставени во служба на луѓето од лакавичката долина. |