„Макфест“ на 19 декември под закрила на Општина Штип
ШТИП - Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ дефинитивно ќе биде под закрила на Општина Штип. Градоначалникот Зоран Алексов, на прес- конференција, објави дека добиле известување од „Фершпед“, потпишано од првиот менаџер на компанијата, Штерјо Наков, со кое фестивалот целосно и' се препушта на Општина Штип.
Според првичните анализи, реномираниот фестивал ќе се одржи на 19 декември кога е верскиот празник Свети Никола за кој постои идеја кај локалната власт да се промовира во ден на Штип.
„Исклучително сме му благодарни на ’Фершпед‘ за начинот на кој ни го предаде ’Макфест‘. Оваа компанија со писмен акт се обврза сите обврски, кои фестивалот ги создал до неговото минатогодишно одржување, да ги подмири до денар. Покрај ова, ’Фершпед‘ бесплатно и' ги отстапува на Општина Штип сите резерви и книговодствени материјали, кои друштвото ги има заведено во своите книги, сите тие се дават во владение на Општина Штип. Тоа е исклучителен гест, кој ние секогаш високо ќе го цениме“, вели Алексов.
„Фершпед“ го презеде „Макфест“ пред точно десет години. За сето ова време оваа компанија беше главен финансиер, доведувајќи го фестивалот до степен на најпрепознатлив бренд во светот на забавната музика кај нас. Штипскиот градоначалник е реалист и цени дека моментно нема услови фестивалот да се одржи на почетокот на ноември, во рамките на денот на ослободувањето на градот. „Реално е фестивалот да го имаме на 19 декември, на ден Свети Никола, а ќе се заложиме тој ден да биде ден на Штип“, вели Алексов. Тој најави дека на една од наредните седници на општинскиот Совет ќе побара овој орган да донесе одлука за финансиско учество на Општината во износ од 30.000 евра. Другите пари ќе се обезбедуваат преку спонзорства. (И.Б.) |