За ВМРО-ДПМНЕ има две опции - избори или љубов со ДУИ
Веќе не зависи само од Груевски дали ќе има предвремени или редовни избори
Александра М. Митевска
Премиерот Никола Груевски беше главен гостин на свеченото поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во гимназијата „Зеф Љуш Марку“ во Скопје. Тоа беше првата работа што ја направи во јавноста откако се врати од летувањето во Турција.
По десетина дена пауза, Груевски, сосема очекувано, повторно му се посвети на своето омилено „хоби“ надвор од владината зграда - сечењето црвени ленти и фрлањето лопати песок. Но, ако некогаш на ваквите активности се гледаше како на сигнал за предвремени избори, сега тие с�� сметаат како дел од рутината на премиерот, кој и така редовно го чува во ракав изборниот адут, чиј рок на употреба истекува кон средината на 2012 година.
Всушност, овој пат вистинското прашање е дали евентуалните вонредни избори се' уште се работа што зависи само од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Факт е дека оваа партија располага со сите ресурси на власта, има апсолутно мнозинство во парламентот и контролира речиси две-третини од локалната самоуправа, со што значително и' се олеснува изборниот старт. Но, не може да се занемари и тоа дека сега и опозицијата инсистира на распуштање на парламентот, додека сите очи се вперени во ДУИ како фактор кој би можел да испровоцира редефинирање на распоредот на сили на политичката сцена.
Од тој аспект, прашање е и што повеќе и' се исплатува на ВМРО-ДПМНЕ, чиј коалициски потенцијал и рејтинг се разнишани: да влета во изборна авантура или да вложи повеќе енергија за затоплување на релациите со коалицискиот партнер - почесто излегувајќи им во пресрет на неговите барања. Во изминатиот период повеќе настани укажаа на тоа дека главната владејачка партија повеќе работи на втората опција. Најсвеж таков случај беа 80 нови рамковни вработувања, како и дваесетина вработувања во градинките во Чаир на кои потпис стави министерот за труд и социјала, Џељал Бајрами. Сега останува да се види дали електоратот на ДУИ ќе се задоволи со тоа, односно дали бенефициите кон одредени целни групи ќе го амортизираат незадоволството поради неостварувањето на врвниот приоритет - напредок на патот кон НАТО и кон ЕУ.
Вицепремиерот Абдулаќим Адеми (кој, патем кажано, го придружуваше премиерот на ставањето на камен-темелникот на спортската сала во „Зеф Љуш Марку“) во едно интервју среде августовското затишје во политичката арена порача дека Македонија не треба да го пропушти самитот на НАТО во ноември, но, ако се случи тоа, ДУИ дополнително ќе одлучи како понатаму, при што една од опциите е излегување од Владата.
„Очигледно е дека сега, за разлика од 2008 година, не зависи само од ВМРО-ДПМНЕ и од Груевски дали и кога ќе има избори, бидејќи рејтингот на власта веќе неколку месеци паѓа. Но, треба да се види каква улога ќе си додели ДУИ во оваа ситуација, бидејќи, и покрај сите недоразбирања, впечаток е дека коалицијата функционира“, оценува Трајче Панов, докторанд по политички науки на Европскиот универзитетски институт во Фиренца.
Според него, во 2008 година иницијативата на ДУИ за распуштање на парламентот била во корист на ВМРО-ДПМНЕ, која го искористила моментот. Овој пат, пак, евентуална нова таква иницијатива би била во полза на опозицијата, која, како што вели, сега е многу поорганизирана, додека ВМРО-ДПМНЕ, се чини, почнува да се соочува со внатрешни проблеми, како што се незадоволства во општинските комитети или роденденскиот митинг и прославата на Илинден,л кои организационо и според масовноста не ги исполниле очекувањата на партијата.
Иако според многу процени ѕвездите не им се наклонети како порано, вмровците и натаму настапуваат самоуверено на јавна сцена, уверувајќи дека ќе добијат уште еден мандат. Пред неколку дена, на пример, од владејачкиот штаб му порачаа на генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров, (одговарајќи на една негова прес-конференција на тема од здравството) дека „новата Влада по наредните парламентарни избори ќе биде составена од ВМРО-ДПМНЕ“. Од СДСМ, пак, одговорија: „За едно се во право колегите од ВМРО-ДПМНЕ - граѓаните одлучуваат. А, на следните парламентарни избори ќе одлучат да го казнат ненародниот режим на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“.
Битката меѓу двата политички табора неминовно уште повеќе ќе се разгорува во очекување на самитот на НАТО во Букурешт, кој се посочува како момент по кој може да се очекуваат нови заплети на политичката сцена што би финиширале со изборен расплет. Всушност, македонската политика, по првите предвремени избори пред две години, помина низ многу т.н. одлучувачки моменти, но овој пат разликата е во тоа што опозициските партии сметаат дека избори се неопходни не само поради проблемот со името и загрозените евроатлантски перспективи, туку и поради алармантната ситуација на економски план, влошениот соживот, нарушените човекови права и поради обидите да се поделат граѓаните по секоја основа. А, четири години владеење на една политичка опција се доволно долг период за граѓаните да може да проценат дали сакаат да продолжат по истата траекторија.
Сега, следната пролет се споменува како најверојатен термин доколку партиите на власт решат да одат на вонредни избори. Со тоа би се избегнала кампања среде зима, што имајќи ги предвид роковите во Изборниот законик, би се случило ако парламентот се распушти веднаш по самитот на Алијансата. Пролетта, наводно, била и период што најмногу и' одговарал на ДУИ за излегување на избори. Всушност, секој датум по мај в година би можел да се смета како избори во регуларен термин, бидејќи тогаш и така се влегува во изборна година.
И политикологот Панов смета дека пролетта 2011 година за повеќето партии е најоптимален тајминг за вонредни избори. Дотогаш, според него, опозицијата би имала уште неколку месеци за подготовки, а ВМРО-ДПМНЕ би добила време до некаде да ги поправи позициите. ДУИ, пак, како што вели тој, и натаму е во покомотна позиција, бидејќи се' уште има највисок рејтинг во албанскиот блок. |