Пронајдено и исчезнатото девојче од Прилеп
Полицијата ја пронашла бегалката во домот на нејзиното момче. Тврдела дека заминала од дома поради љубов
Полицијата го пронајде и девојчето од Прилеп, чие изчезнување во понеделникот го пријавил нејзиниот татко. Според информации од прилепската полиција, бегалката е лоцирана во една ромска куќа во градот, каде што живеело нејзиното момче.
За случајот веднаш се известени родителите на 17-годишната прилепчанка, која пред неколку дена го напуштила семејниот дом и заминала во непознат правец. Со оглед на тоа што станува збор за девојче кое има над 16 години, од полицијата објаснуваат дека нема основа ниту присилно да биде вратена дома ниту, пак, да биде поднесена пријава.
„Според тврдењето на девојчето, тоа своеволно, без ничија присила заминало од дома поради љубов“, велат од полицијата во Прилеп.
Со тоа МВР ги затвори четирите случаи што беа пријавени во ист ден на исчезнати девојчиња на возраст од 16 и 17 години.
Три од девојчињата беа од скопската населба Гази Баба, а последната бегалка која беше пронајдена е од Прилеп.
Иако девојчињата со денови ги немало дома, нивните родители на 1 август одлучиле да ги пријават и да побараат помош од полицијата за пронаоѓање на нивните чеда.
Една од „бегалките“, 16-годишничка од Скопје, еден ден по пријавата за нејзиното исчезнување се вратила дома сама. Најдолго се водела како исчезната 16-годишничка која пред десет дена заминала од дома и повеќе не се вратила.
Но, полицијата информираше дека исчезнатото девојче е лоцирано и во најскоро време ќе биде вратено дома.
По три дена откако заминала од дома, им се јавила на своите родители и 17-годишната девојка од Скопје, чиј татко го пријавил исчезнувањето на девојчето на 29 јули. Со тоа полицијата тврди дека е разрешен и овој случај. (Д.Т.) |