Татковци и деца
Најпознатото дело на Иван Сергеевич Тургенев е прво руско дело што стекнало популарност во западниот свет
Катерина Богоева
Романот „Татковци и деца“ од 1862 година, кој писателот Иван Сергеевич Тургенев го создал како реакција на се поголемиот културен раскол што го забележувал меѓу либералите и нихилистичко движење во својата татковина Русија, во периодот меѓу 1830 и 1840 година, се смета за негово најпознато дело, но и за прв целосно современ роман во руската литература.
Романот говори за несогласувањето меѓу две генерации Руси, а главниот лик, Евгениј Базаров, е познат како „првиот болшевик“ според неговиот нихилизам и отфрлањето на стариот систем во тогашното Руско Царство.
Тургенев во ова свое дело го проучува двојниот карактер кај дел од ликовите, постепеното распаѓање на нихилистичкото спротивставување на емотивното изразување, а токму темите за двојниот карактер и за длабокиот психолошки увид, подоцна ќе влијаат врз творештвото на повеќето големи руски романописци, а ќе бидат најочигледни во романите на светските класици Лав Николаевич Толстој и на Фјодор Михајлович Достоевски. „Татковци и деца“ воедно се смета и за прво руско дело што стекнало популарност во западниот свет и добило признанија од докажаните писатели Густав Флобер, Ги де Мопасан и Хенри Џејмс.
Во впечатливата биографија на големиот раскажувач и романсиер Тургенев, кој е најзначаен претставник на рускиот реализам, овој роман хронолошки доаѓа по неколкуте, претходно објавени дела.
Во 1852 година, авторот се прославил со циклусот кратки раскази „Ловечки записи“, во кои го критикувал аргатскиот систем на големите земјени имоти во Русија, а следувале: драмскиот текст „Еден месец на село“, романот „Рудин“, „Благородничко гнездо“ и „Спроти новите дни“. Неговите дела паралелно биле преведувани и на странски јазици, а дел извршиле и големо влијание врз новелистиката.
Иван Сергеевич Тургенев е роден на 28 октомври 1818 во Орел, а починал во Париз на 22 август 1883 година.
„Тешко дека некој некој од луѓето денес може да сфати на какво ропство била подложна печатената мисла во секој час и на секое место. Писателот не можел да се чувствува поинаку, освен како криминалец“, напишал Тургенев, авторот кој својот живот го завршил во Франција, по многубројните апсења и протерувања од Русија, поради својата борба со конзервативната средина и аристократската власт. Тој им се спротивставувал на класните разлики, на понижувањето на обесправените и на речиси робовладетелскиот систем што владеел во некои сфери на тогашна Русија. Бил привлечен од западните идеи за рамноправност и демократија кои биле една од причините за конфликтот меѓу руската интелегенција, што со препознатлив ракопис го опишува во своите дела.
Со објавувањето на „Татковци и деца“, Иван Сергеевич Тургенев предизвикал многубројни полемики поради прикажувањето на конфликтот меѓу старата и младата генерација, всушност, конфликтот меѓу либералите и демократите.
Неговата содржина е сместена во 1859 година, во време на големите селски востанија.
„Аристократизам, либерализам, напредок, принципи. Само размисли колку многу странски... и бескорисни зборови“, вели Евгениј Базаров (прототипот на нихилист), во расправија со Павел Кирсанов (прототипот на либерал од генерацијата 1840-тите) за природата на нихилизмот и бескорисноста во Русија, во една епизода од романот што ја персонифицира борбата меѓу татковците (либералите) и нивните нихилистички деца. Ставовите на Базаров ќе предизвикуваат внимание, но и конфликти во кругот на луѓето со кои ќе се среќава. Тој не верува ниту во една институција од современиот живот, ниту во семејството ниту во социјалната сфера што смета дека треба апсолутно и безмилосно да бидат отфрлени. Меѓутоа, и покрај апсолутниот презир за сите работи поврзани со традиционална Русија, верува дека постои цел и вредност во применетата наука.
Нихилизмот на Евгениј Базаров во ова дело ќе се распадне пред човечките емоции, особено од неговата љубов кон Ана Одинцова што нема да му биде возвратена, по што ќе се врати во своето семејство кај своите родители. Родителите, кои, патем, искрено ги сака, ги доживува како личности кои „ни најмалку не се загрижени за својата сопствена безначајност“.
Во едно писмо, напишано истата година кога бил објавен романот, Тургенев открил дека ја замислувал Ана како „претставник на нашите бескорисни, сонувачки, љубопитни и студени епикурејски млади жени, нашето женско благородништво“. Преку ликовите, пак, на Аркадиј и Николај, нивните бракови и управувањето со имотот, како и комфорниот живот без љубов на Ана, тој прецизно ќе ги опише меѓучовечките релации, типични за тој период во Русија. Конфликтот на Базаров и постарата генерација ќе кулминира со двобој, Базаров ќе го рани Павел Петрович, а Тургенев ќе го заврши романот со побивање на идејата дека животот е крајно безначаен и дека по смртта не останува ништо. Неговиот главен лик ќе почине од тифус во домот на родителите, а преку нивната љубов, но и преку љубовта од другите луѓе, Евгениј Базаров ќе ја надмине смртта. |