Број 3361  среда, 18 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Конференција за соработка во културата во Охрид

На тема за третманот на културата во медиумите во Охрид ќе зборуваат 20 стручњаци од областа на културата и од медиумите во регионот

Од 16 до 20 август во Охрид се одржува конференција за поттикнување меѓународна соработка во културата насловена „The Journ Art Cooperativa“, на која учество ќе земат дваесетина новинари и културни работници од регионот. Целта на оваа конференција, која ја организира Центарот за медиумски активности од Скопје, е размена на искуства, мислења и вештини, поголема соработка меѓу земјите учеснички и развој на нови модели во чување на културното наследство и во покривање и застапеност на културата во медиумите.

Главната тема на која ќе се задржат претставниците од: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Албанија, Чешка, Полска и Австрија, е колку е присутна културата и културните настани во електронските и во печатените медиуми. Но, исто така, конференцијата ќе се фокусира и на се' поактуелната комерцијализација во културата, потоа на стратегијата во планирањето на културни проекти, на презентацијата на културното наследство и на промотивните и маркетиншки стратегии.

На темата за третманот на културата и уметноста во македонските медиуми е планирано да се осврнат новинарките Клементина Илиевска од „Шпиц“ и Маја Неделковска од „Време“. За таа цел и за покомплетна слика беа снимени и изјави на уметници, на културни работници и на претставници на медиуми.

Фокусот на конференцијата ќе биде ставен и на темата „Комерцијализација на културата - грев или стратегија“, за што планирано е да зборуваат Небојша Илиевски од скопската агенција Partes Social Advertising, како и Иван Ѓорѓевиќ, уредник и стручњак од тренинг-центарот на Би-Би-Си на Балканот. Додека Роберт Алаѓозовски ќе зборува за начинот на зачувување на културното наследство и неговото архивирање особено со посредство на новите медиуми, како и за стратегиското планирање на проекти во областа на културата.

Во дискусијата, по пат на видеоматеријал, ќе бидат вклучени и челниците на приватните компании, кои се запрашани на кој начин ја поддржуваат културата и уметноста, кои се пречките на тој план, и какви промени се потребни за тие почесто да учествуваат во спонзорирање на културата.

Меѓу учесниците се и менаџерите на порталите за култура: „Артичок“ од Чешка, „Арт-сервис“ од Словенија и „Нуклеус.тв“ од Македонија. Се очекува претставниците на Центарот за современа уметност од Љубљана да го претстават порталот „Артсервис“, кој се развива од 2001 година, а исто и веб-архивата „Дива“, која е фокусирана на истражување, документирање и архивирање на видеоартот.

Оваа веб-архива се развива од 2005 година. Додека, порталот од Македонија се очекува да стартува во септември. Овој портал треба да понуди видео-содржини од различни области, кои телевизиите ќе можат да ги земаат и вклучуваат во своите програми.

Во рамки на конференцијата ќе бидат организирани и работни посети на Заливот на коските, на Античкиот театар, на Плаошник, црквите „Св. Софија“ и „Св. Климент“. Посета ќе биде организирана и посета на Вевчани, потоа на „Охридско лето“, како и на отворањето на „Струшките вечери на поезијата“.

Се очекува учесниците сите овие настани и посети на одреден начин да ги вклучат во своите медиумски извештаи и на современ и медиумски приемлив начин да ги промовираат културните богатства на Македонија. Конференцијата е поддржана од Министерството за култура и Централно европската иницијатива (CEI). (С.У.)


#
Статијата е прочитана 388 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Татковци и деца
„Македокс“ патува низ Македонија
Концерт на европски пијанисти