ЕУ бара да ги спроведуваме законите
Нема поента да имате закони, а да не ги спроведувате, смета Фуере
Тамара Грнчароска
Македонија има закони, но нема имплементација, е пораката од ЕУ што вчера на македонските власти им ја испорача евроамбасадорот Ерван Фуере. „Нема поента да имате закони, а да не ги имплементирате“, рече Фуер��, според кого, и покрај сите напори што се прават за исполнување на критериумите и за носење на законите, потребно е да се осигури дека постои адекватна финансиска поддршка за нивна примена. Забелешката на Фуере доаѓа пред финализирањето на извештајот за напредокот на Македонија од страна на Европската комисија за оваа година.
На долгиот список на Фуере за областите каде што недостасува имплементација прво се најде независноста на правосудството. „Таму и натаму постои перцепција за политичко влијание во однос на номинациите“, изјави Фуере. Веднаш по судството тој ги наброи борбата против корупцијата, како и реформите на јавната администрација, која за европските претставници се' уште претставува критична област токму во спроведувањето на легислативата. ЕУ најмногу ја загрижуваат вработувањата со договори на дело и како тие ќе бидат решени. „Постојат многу луѓе кои се ангажирани на овој начин, што отвора врата за политичко мешање“, смета евроамбасадорот, според кого е важно овие привремени договори да се трансформираат во договори на неопределено време и луѓето кои ги извршуваат овие функции да ги исполнуваат сите критериуми одредени од Агенцијата за државни службеници.
Меѓу другите областите каде што недостасува имплементација на законите се посочени финансирањето на кампањите на политичките партии, но и областа на животната средина, каде што многу закони се на маса, но со слаба имплементација, пред се', поради недостиг од средства.
Недостигот од имплементација на усвоените закони во Македонија во континуитет се нотира од страна на претставниците на ЕУ. Тоа беше содржано и во минатогодишниот извештај на ЕК, во кој и покрај нотираниот напредок во реформите, во речиси секоја област се наведува дека недостасува имплементација на усвоената легислатива. Вообичаениот одговор на македонските власти на тоа беше дека станува збор и оти тој процес се одвива според предвидените рокови и темпо.
За содржината на годинешниот извештај на Комисијата, Фуере вчера рече дека е рано да се каже каков ќе биде. Тој, сепак, истакна дека треба да се имаат предвид две прашања. Првото е дека извештајот што ќе биде презентиран во ноември ќе ги одразува прогресот и активностите спроведени во текот на целата година, „а второ, за европските институции, а не само за македонските граѓани, е важно не само да се донесат законите, туку и да се обезбедат одржливи извори, финансиски и човечки ресурси кои ќе гарантираат ефективна имплементација“.
На забелешките на Фуере вчера реплицираа и премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Наумовски, но со различен тон. Додека коментарот на Наумовски беше дека законите прво треба да се донесат, а потоа да се имплементираат, притоа повторувајќи ја повеќепати кажаната изјава дека целта на Владата е секој донесен закон да биде имплементиран од моментот кога е определено неговото стапување во сила и оти сите закони се имплементираат според предвидената динамика, Груевски настапи поумерено.
Премиерот призна дека иако најголем дел од работите се имплементирани, останува еден помал дел што треба да се заврши. „Ќе се осврнеме и овие делови од тие закони да се донесат, ако не се донесени или и да се имплементираат, доколку во некој дел се' уште не се“, рече Груевски. Тој дури забелешката на Фуере ја дефинираше како добронамерна, дека негова работа е да укажува на незавршените работи за да ги придвижува. |