Број 3361  среда, 18 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Хроника

Сендвичарниците чуваат месо и мајонез на високи температури

Поради немање минимални хигиенски услови, затворени се 24 сендвичарници и бурекчилници

Јасмина Јовановска

Месо и мајонез со часови се чуваат надвор од фрижидер на температура над 30 Целзиусови степени. Се подготвуваат сендвичи со неизмиени раце, продуктите се чуваат во ладилник на несоодветна температура, работните површини каде што се подготвува храната не се дезинфицираат. Ова се само дел од неправилностите што ги констатирале инспекциите при контрола на сендвичарниците, бурекчилниците, ќебапџилниците и други помали угостителски објекти каде што се подготвува и се продава храна. Поради неисполнување на минималните санитарно-хигиенски услови за работа, Дирекцијата за храна од исконтролирани 55 објекти, за само два дена затворила 24 сендвичарници и бурекчилници во повеќе градови во земјава, Скопје, Битола, Струга.

„Задоволен сум од бројот на контролите, но не и од санитарно-хигиенските услови, особено во помалите оператори со храна - сендвичарниците. Ретки се објектите каде што инспекторите немале никакви забелешки во исполнувањето на минималните стандарди што треба да постојат во делот на безбедноста на храната. И покрај тоа што добиваат голема поддршка поголем дел од субјектите, особено оние помалите ги немаат исполнето неопходните услови“, изјави министерот за здравство, Бујар Османи. Заради превентива од труења, министерот порача до надлежните органи да се пријавуваат сите сомнителни објекти.

Но, и покрај честите контроли, ова лето во земјава се случи едно поголемо труење во Гевгелија со 68 затруени лица и две помали труења.

Од Државниот здравствено-санитарен инспекторат се правдаат дека иако објектите се контролирај, ниеден од нив како и секаде во светот не можат да бидат имуни на труења. „Во секоја земја, и покрај добрата хигиенска практика, може да се случи да има акутни труења. Нашите контроли се за да се намали нивниот број и да се намали бројот на затруени“, објаснува Државниот здравствено-санитарен инспектор, д-р Вера Менкова.

Затворените објекти заработиле прекршочна пријава и се привремено пломбирани. Доколку од два до 10 дена не ги исправат неправилностите, тие повторно ќе можат да работат. Но, меѓу нив има и такви што работеле без дозвола за дејноста и тие се затвораат на подлог временски период. „Против ваквите објекти што се водат како високоризични, Дирекцијата за храна ќе поднесе и кривична пријава“, додаде инспекторот Божин Петрески од Дирекцијата за храна.

За труењето во Гевгелија ќе биде поднесена кривична пријава против правниот субјект и одговорното лица, а може ќе има постапка и против подрачниот инспектор во Дирекцијата за храна, зашто и покрај тоа што констатирал неправилности, не го казнил објектот од кој се затруја 68 лица.

Поради прекршување на законската регулатива, угостителските објектите се казнуваат со 1.000 до 3.000 евра за одговорното лице, додека за фирмата е од 2.000 до 5.000 евра. Проблем се прекршочните постапки што траат долго време, па затоа и не зачудува што локалите и да се затворени од инспекцијата, сопствениците на објектите на своја одговорност сами си ги отвораат.

Контрола е извршена и во училиштата и во градинките. Од 336 училишта, во 293 се констатирани санитарно-технички недостатоци, пред се', лоши санитарни јазли, неваросани простории и гардероби, лоши услови во спортските сали. Селските подрачни училишта има повеќе проблеми. Во градинките состојбата е подобра. „Доколу констатираме дека има груби прекршоци најмногу во санитарните јазли и гардеробите каде што децата се во близок контакт и има поголеми можности за ширење заразни заболувања, ќе бидат затворени и објавени“, истакна д-р Менкова.


#
Статијата е прочитана 950 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Хроника
Суспендираниот началник и натаму доаѓа на работа
На ифтар со пиштол ранил соселанец
Штипјани нападнале полицајци во Охрид