Двојни записници за „Пајажина“
Судот тврди дека е техничка грешка, обвинетите и адвокатите обвинуваат за монтиран процес
Љубиша Станковиќ
Скандал со двојни записници пукна вчера на продолжението на судскиот процес што се води за 23 лица обвинети во случајот „Пајажина“. Скопскиот Кривичен суд испратил два вида записници до бранителите на обвинетите. Првите, напишани на хартија и подигнати на шалтерите во судот, имале седум страници, а оние што биле испратени во електронска пошта имале цели 17. Скандалот, според адвокатската Снежана Стефановска, е во тоа што во записникот што и' бил испратен било наведено дека на 14 јуни бил прочитан обвинителниот акт и дека обвинетите дале одбрана на главен претрес. Но, главниот претрес не е ниту започнат!
Адвокатката Стефановска приговара на содржината на записникот и прашува како е можно да постои готов записник за нешто што воопшто не се случило.
„Јас сум шокиран од фактот дека постои ваков записник! Некој составувал и дистрибуирал записник со невистинита содржина! Дали ова значи дека и пресудата за овој случај е веќе напишана“, изјави адвокатот Никола Поленак и потсети дека во „електронскиот“ записник е наведено дека обвинетите дале одбрана и се повикале на искази дадени во истрагата и дека никој од нив ништо не прашал или не забележал.
Судијката Павлина Христовска, како претседавач со судечкиот совет, рече дека станува збор за „техничка грешка“
„Грешка е и тоа голема. Сега барам од судот да го расчисти овој случај, а потоа да ни каже по кои записници ќе се раководиме во иднина“, рече адвокатот Мирослав Вуиќ.
„Не верувам дека дактилографката се амбицирала и допишала уште десетина страници повеќе од она што навистина се случи на минатото рочиште, но ми личи на монтиран политички процес. Ова не е грешка, но јас за цело време ве гледам Вас од судот и сфаќам дека и Вие сте изненадени“, изјави сопственикот на А1 телевизија и првообвинет во случајот „Пајажина“, Велија Рамковски.
Адвокатите на обвинетите побараа изземање на судијката што раководи со овој судски процес, а исходот од тоа се' уште не е познат.
Рочиштето започна со задоцнување од еден и пол час. Две обвинети, кои се во куќен притвор, повторно беа заборавени и се чекаше на нив, но до „војна“ со судницата дојде по добиеното мислење за здравствената состојба на обвинетата Ѓултен Џемаили. Психијатар од приватна здравствена установа ја прегледал обвинетата, но кажал дека судот ќе треба „да го следи степенот на возбуда на обвинетата и да ја гледа евентуалната промена на бојата на кожата на Џемаили“. Ваквото мислење на психијатарот Александар Марцекиќ, за кого беше кажано дека нема лиценца за вештачење, беше неприфатливо за одбраната и затоа беше побарано судско-медицинско вештачење. |