Интернет
Матурски фустан преку „Фејсбук“
Миркица Поповиќ
На „Фејсбук“ се појавија страници и групи за матурските вечери. Некои не веруваат дека конечно завршуваат средно образование, други веќе психички се подготвуваат за приемните испити на факултет, трети можеби и се мирни, бидејќи веќе се примени на некој факултет во странство, но на сите им е заедничка слатката вознемиреност што постои пред матурската ноќ.
Договарањето оди преку четови, се споделуваат линкови и совети на страниците на „Фејсбук“, креирани конкретно за оваа пригода. Никнуваат страници каде што се споделуваат слики и импресии од матурските екскурзии, а поврзувањето со матуранти од другите држави е полесно од кога било, треба само да се приклучите кон нивната страница на „Фејсбук“.
Покрај оние што заработуваат од матурската вечер, матурантите го користат „Фејсбук“ за да си олеснат себеси. Така, на пример, меѓу девојките основен страв е да не се појават на матурската вечер со иста гардероба како некоја нивна соученичка. Затоа во САД голем дел од матурантките одлучиле да ги избегнат непријатностите, но, од друга страна, и пријатното изненадување и ласкање на матурската вечер, со тоа што ги покажуваат своите избрани матурски фустани на Интернет. Идејата, која започнала од едно средно училиште во САД, сега е речиси прифатена од сите. Како што велат матурантките, ова за нив е од големо значење и во голема мера им ги намалува главоболките поврзани за матурската вечер, кои покрај совршениот матурски фустан, вклучуваат и избор на соодветниот партнер и лимузина. Идејата се покажала како ефективна, бидејќи девојките не ни помислуваат да купат ист фустан како некоја друга девојка од нивното училиште.
Македонските страници на „Фејсбук“ се со различни содржини. Стандардно, најголем дел од нив ги обединуваат сите матуранти од генерацијата 2009/2010, каде што се споделуват искуства од матурските екскурзии, се зборува за плановите за матурските прослави, но не се заборава ни темата што останува актуелна и по матурската забава - приемните испити за факултет. Формирани се и голем број групи. Девојките споделуваат различни идеи за матурски фустани, чевли, накит и фризури во терк со светските модни трендови. Заинтересираноста е голема, бидејќи предлозите што ги разменуваат во групите им помагаат да ги издефинираат желбите за најсоодветниот изглед за нивната матурска вечер. Доколку некои од моделите не можат да се најдат кај нас, матурантите заминуваат на шопинг-викенди во Солун или во Белград, каде што изборот е за нијанса поголем. Меѓу популарните стр��ници со содржини за матурските вечери можат да се најдат и понуди од кројачки студија, дизјанери на накит и гардероба, како и студија, кои покрај основата дејност - невестински фустани, овој период го насочуваат својот фокус кон матурантите. Не е мал ни бројот на козметички салони, кои нудат специјални матурски пакети и преку своите страници на „Фејсбук“.
Покрај понудите за гардероба, чевли и накит, една од невообичаените понуди на македонските страници на „Фејсбук“ насочени кон матурантите е понудата за најмување балон за летање. Зошто да се ограничите на кратко возење со лимузина низ градот?
Рекламната моќ на оваа социјална мрежа ја користат и музички групи, кои ги нудат своите услуги за свирки на матурските вечери, независно од тоа дали се групни или, пак, индивидуални прослави. Од друга страна, пак, матурантите од средните училишта низ државава поведуваат и свои иницијативи за тоа која музичка група сакаат да ја слушнат на својата матура. Очигледно е дека „Фејсбук“ значително го олеснува организирањето меѓу матурантите од различни средни училишта, односно помага да се осознаат желбите и можностите за музичкиот избор или изборот на место за славење, како и пред матурските забави и по нив.
Така, забавен пример е група матуранти, кои се против прославата на матура во петок, 21 мај, бидејќи следниот ден немаат можност традиционално, постматурски да се појават во училиштето, па како своја причина го земаат и религиозниот празник, кој е на истиот ден. По американски пример за избирање матурска кралица и крал, веќе се појавија и групи од училишта во државава на кои може да се гласа за најубавите матуранти на генерацијата.
Како и да е, по завршувањето на вечерта со која ќе се прослават 4 години дружење на една генерација, убавите спомени ќе потраат уште некое време на оваа социјална мрежа, а матурските предлози ќе останат да им помогнат на следните генерации матуранти. Но, тоа не е крај на приказната за „Фејсбук“ и за матурантите, кои токму оваа мрежа ќе ја користат да се поврзат со поранешните соученици и да се организираат за славење на своите 5, 10, 15-годишнини од матура. |