Кан
Економската криза го намали бројот на филмовите
„Првпат се случува бројот на филмовите што аплицирале за учество на фестивалот да е помал од претходната година“, вели уметничкиот директор Тјери Фремо, оправдувајќи ја бројката од 19 филма-натпреварувачи за „Златна палма“
Со светската премиера на филмскиот спектакл на Ридли Скот „Робин Худ“ во средата вечер почна 63. Меѓународен филмски фестивал во Кан, кој на 23 мај ќе биде затворен со француско-австралискиот филм „Дрво“ на режисерката Жили Беручели, со Шарлота Гензбург во главна улога. Оваа дванаесетдневна филмска смотра со 98 остварувања, сместени во шест програмски целини, повторно е во центарот на светската филмска елита. За „Златна палма“ се натпреваруваат 19 филма од 13 земји, што е помалку од вообичаената понуда, а уметничкиот директор Тјери Фремо вели дека станува збор за последици од економската криза. „Првпат се случува бројот на филмовите што аплицирале за учество на фестивалот да е помал од претходната година“.
Големата разлика меѓу богатите и сиромашните, големите даноци и светската економска криза, по се' изгледа, ќе бидат честа тема на годинашниот фестивал на кој многумина посакуваат да се појави новиот светски Робин Худ што ќе ги спаси сиромашните. Кон целта врзана за заштеда и демонстрација на „затегнување на ременот“ на Канскиот фестивал никна и т.н. Регионален павилјон каде што заеднички настап имаат осум земји на Југоисточна Европа, меѓу кои, освен Македонија, се и Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар и Словенија. Идејата на заеднички штанд да се претстават кинематографиите речиси од сите земји што произлегоа од бивша Југославија и од земјите на Балканот го предизвикаа новинарот на „Скрин интернешенел“ да го оцени како „важна почетна точка на соработката на донеодамна непријателските земји, што никако не смее да се потценува“.
Да потсетиме дека во званичната селекција се наоѓаат искусни и познати автори - Никита Михалков, Рашид Бушареб, Такеши Китано, Кен Лоуч, Бертран Таверније, Александро Гонсалес Ињариту, Мајк Ли, Даг Лајман и Абас Кјаростами.
Инаку, француската кинематографија ќе ја претставуваат четири филма, бурлескната фантазија „Турнеја“ на Матје Алмарик, драмата „За луѓето и боговите“ на Гзавиј Бово, историско-религиозно љубовната приказна „Принцеза од Монпсениј“ на Бертранд Таверни и „Копија на оригиналот“ на иранскиот режисер Абас Кјаростами.
Во француска копродукција се снимени две остварувања што доаѓаат од Африка. Рашид Бушареб ги режираше „Прогонети“, приказна за тројца браќа што останувајќи без куќа во Алжир заминуваат во Франција, и „Човекот што вика“ на Махмад Салех Харун.
Шпанецот Хавиер Бардем ја игра главната улога во новиот филм на Александар Гонзалес Ињариту „Убав“, инаку приказна за пожртвуван татко, љубовник што страда, мистериозен син и бизнисмен од подземјето.
Азија ќе биде претставена со пет филма од Јужна Кореја „Домашна помошничка“ на Санк Со Има и „Поезија“ на Ченг Дон Ли со две приказни за жени - младата слугинка што се вљубува во газда, односно баба што бара инспирација за пишување на првата песна во животот.
Во натпреварувачката селекција се наоѓаат три филма од англиското подрачје - британскиот ветеран Кен Лоуч и Мајкл Ли ги претставуваат своите драми „Ирска рута“ и „Уште една година“, а Американецот Даг Лајман го донесува политичкиот трилер „Преубава игра“ во кој главните улоги ги имаат Наоми Вотс и Шон Пен.
Одговарајќи на критиките дека само едно американско остварување се натпреварува за главна награда, Тјери Фремо изјави дека Вуди Ален одби да го даде својот филм „Ќе запознаеш висок црн странец“ и затоа тој ќе биде прикажуван надвор од конкуренцијата, заедно со новите остварувања на Оливер Стоун („Волстрит 2 - парите никогаш не спијат“) и на Стивен Фрирс („Тамара Друи“).
Инаку еден од филмовите чија премиера се очекува со големо нетрпение ќе биде прикажан во рамките на програмата „Извесен поглед - социјализам“ на Жан Лик Годар, каде што една од главните улоги ја игра Пати Смит и тој веќе стана култен хит на Интернет, благодарение на забрзаната мини-верзија. |