Број 3283  сабота, 15 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Стил

Писмо од Лондон

Мохамед се откажа од „Херодс“

Томислав Ивановски

Не е Јасно зошто Ал Фаед го даде за продавање „Херодс“ - минатата година таму е продадена стока за рекордни752 милиона фунти

ЛОНДОН - Лондонската стоковна куќа „Херодс“, сместена во центарот на британскиот главен град, дење е сврталиште на сериозни купувачи и на обични шетачи, а ноќе личи на некаков огромен прекуокеански брод, со светилки нанижани по нејзината фасада. Но, во секое време, претставува цел за бројните туристи кои во зима или во лето речиси чекаат на ред за да го зафатат најдобриот агол, под кој ќе ја уловат и зградата и нејзиното славно име. Ова комерцијално здание, што изгледа како самото да прави еден мал кварт во престижниот и скап лондонски дел Најтбриџ, е отворено уште во 1905 година. По 105 години, „Херодс“ и понатаму е најпознатата и најотмена стоковна куќа во Лондон, во која може да се најде и да се купи се' што е најново и најскапо во светот на модата - облекувањето, уредувањето на домаќинството и живеењето, како и исхраната. Може да купите домат или авокадо по цена за која на друго место може да се добие и килограм, можеби од истите тие домати и авокадо. Можете да најдете мала лименка со кавијар за 1.000 фунти, но и да купите обична германска шваргла, да јадете американски крофни, или да се обезбедите со боја за вапсање велигденски јајца кога нема да ја најдете ниту на пазарите во градот.

Многупати уредуван и преуредуван последниве децении, на тој начин што во некои делови помалку личи на каирскиот египетски музеј, „Херодс“ е како некаков тематски парк во кој има производи со првокласен квалитет. Неговите лојални потрошувачи се облекуваат, се хранат, па дури тука ги носат и на хемиско чистење своите облеки, додека паркирани околу стоковната куќа стојат разни „ламборџини“ и „ферари“, „ролсројс“ и „бентли“, чекајќи нивните сопственици да завршат со пазарењето. Затоа и отмените стоковни куќи (како оваа), како што напиша еден овдешен хроничар, не се само место за купување или пазарење, туку можеби повеќе се место или засолниште за забава и гоштавање.

Кога тој и таков „Херодс“ во 1985 година се најде во рацете на Египќанецот Мохамед ал Фаед, купувајќи го за скромни 615 милиони фунти, британската јавност остана нескриено разочарана, додека лондонските медиуми таа зделка ја означија како „предавство на традицијата и на националните интереси“. Кога пред неколку дена, Ал Фаед уште еднаш ги изненади Британците, решавајќи да се откаже од својот бисер во круната на своето богатство, многумина прашаа зашто го продава „Херодс“ за „само“ 1,5 милијарда фунти. Веќе не им пречи што второто „предавство на традицијата“ сега преоѓа во рацете на кралското семејство од Катар, туку сметаат дека не личи на Мохамед за малку пари да го дава овој дел од имотот, од кој, како што тврдеше, никогаш нема да се откаже. Во изминатите 25 години под негова сопственост, внесе фараони и сфинги, направи светилиште за синот Доди и за принцезата Дијана и постави своја фигура во природна големина, но успеа да го одржи угледот на оваа стоковна куќа, претворајќи ја во еден од заштитните обележја на Лондон.

Не е јасно зошто Ал Фаед го продава „Херодс“, кога во минатата година таму е продадена стока за рекордни 752 милиона фунти, а тој самиот со богатство од 650 милиони фунти се најде на 94. место во традиционалното рангирање на илјада најбогати луѓе во Велика Британија. Но, која и да е причината за неочекуваното решение, ќе остане запаметена неговата расправија долга четврт век со британскиот естаблишмент, кој никогаш не му одобри да има британско државјанство и пасош на Обединетото Кралство, што тој толку многу го посакуваше. По последното одбивање од имиграционите власти, пред десет години, тој гневно рече дека е „чиста перверзија да не му се даде пасош на човек кој вработува неколку илјади Британци“. Ал Фаед верува дека зад недавањето државјанство се крие ксенофобијата на Британците зашто странец - Египќанец им го зел нивниот „Херодс“. Кога британските власти одговорија дека британското државјанство е единственото нешто што не се купува во Велика Британија, тој можеше само иронично да забележи дека ако со пари не може да купи пасош, без проблеми ги купува британските закони и прописите што му се потребни за да може полесно и побогато да го води својот раширен бизнис.

Во 1999 година Ал Фаед тврдеше дека на ториевскиот министер Нил Хамилтон во владата на Џон Мејџор му дал 100 илјади фунти, во готови пари, подарок-купони за пазарење во „Херодс“ или бесплатно гоштавање во неговиот хотел „Риц“ во Париз. Хамилтон го тужеше Египќанецот за клевета, но судот не го осуди, па откако ја загуби парницата, мораше да поднесе оставка. Пред тоа, поради Ал Фаед, мораше да си замине од британската политика и тогашниот заменик-министер за Северна Ирска, Тим Смит, кој призна дека примил мито од 20 илјади фунти. Во замена за парите што им ги давал Египќанецот, Хамилтон и Смит ги поттикнувале неговите бизнис интереси низ ходниците на британскиот Парламент, лобирајќи за оние прописи што нему ќе му бидат од корист. Жртва во аферите со подмитувањата во последните години од владеењето на козервативците е и угледниот британски политички лобист Јан Грир, затоа што бил врска и посредник меѓу членовите на владата и сопственикот на „Херодс“. Велат дека со откривањето на аферите, тој потпомогна за паѓањето на ториевците на изборите во 1997 година, но тој самиот никогаш немал проблеми со британските закони. Како виц се раскажува дека најголемиот удар врз неговиот лик и работењето му го има направено еден од неговите телохранители, нарекувајќи го јавно „најголемиот измамник во Лондон“.

За Ал Фаед се вели дека е човек кој знае мошне грубо да возвраќа на нападите и во тоа не им остануваше должен ниту на членовите на британската кралска куќа. Поводот за првата кавга со Бакингамската палата беше токму „Херодс“. Кога стоковната куќа се појави со рекламниот слоган дека „најдобрата гаранција за сите производи што се нудат е кралската адреса на нашиот најдобар купувач“, реагираше кралското семејство, а најжестоко војводата од Единбург, сопруг на кралицата Елизабета. Принцот Филип во таа прилика ќе рече дека „тој странец (Ал Фаед) треба да престане да ја користи кралската куќа во рекламни цели“, а од газдата на славната стоковна куќа ќе стигне жестока реакција и обвинувањето дека „принцот е нацист“. Таквата јавна навреда за сопругот на кралицата, Ал Фаед ќе ја изрече уште еднаш, при сослушувањето околу трагичната смрт на принцезата Дијана и синот Доди, во Париз 1997 година. Во таа прилика, уште и јавно ќе го обвини поранешниот свекор на „народната принцеза“ дека раководел со „тајниот заговор“ за ликвидирање на „вљубениот пар“.

Египетскиот богаташ, кој им го зеде „Херодс“ на гордите Британци, но не успеа да стане британски државјанин, планираше да ја понижи уште еднаш Велика Британија, местејќи врска, а потоа сонувајќи за брак на неговиот син со омилената принцеза, па ја купи приказната за наводниот атентат во Париз, за да се спречи, како што тој се' уште верува, бракот на мајката на идниот британски крал со еден муслиман. Повеќе од десет години настојуваше да изнуди истрага и „судење“ во Лондон за тоа и кога му беше овозможено да зборува пред коринерската истрага за случајот, се нафрли врз кралското семејство, врз британските власти, врз разузнавачките агенции и врз новинарите, а потоа како да се предаде и замолчи. Се зборуваше дека сака да гради мавзолеј за себе, со неговата мумија, на покривот од „Херодс“, како и дека ќе се клонира во 100 примероци, наводно, за вечно да ги прогонува британските власти. Ништо од тоа не излезе, освен дека самиот си замина и им ја остави стоковната куќа за која војуваше на принцовите од Катар, кои се многу подискретни од него.


#
Статијата е прочитана 601 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Стил
Започна филмскиот спектакл во Кан
Економската криза го намали бројот на филмовите
Матурски фустан преку „Фејсбук“
Скапо е да се биде прва дама
Тенис за деца кај „Еди Вега“