ТЕ „Валона“, која требаше да стартува со работа пред повеќе од две години, нема да произведува електрична енергија уште најмалку една година поради тешка хаварија во системот за ладење. Според весникот „Шќип“, хаваријата се случила при финалната проба пред таа да премине во сопственост на албанската страна. Поради тоа, албанската електрокорпорација КЕШ одбила да изврши прием на објектот. Од Светска банка, која е финансиер на проектот, побарано е да се суспендира исплатата на останатиот дел во износ од 10 милиони евра на италијанската компанија, која го градеше објектот.
Официјално, доцнењето на реализацијата на проектот чини 400 милиони евра, затоа што се пролонгира договорот со швајцарската компанија „Колацем“, која врши супервизија на работите. Но, тоа е само еден мал дел од дополнителната цена. Доколку земјата во наредниот период се соочи со суша и со рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, цената може да се зголеми за неколкупати поради струјата што ќе треба да се увезува. (МИА)