Зголемена наплатата за вода во Брегалничкиот систем
Иван Бојаџиски
ШТИП - Ригорозните мерки што ги презеде водостопанското претпријатие „Брегалница“ од Кочани за наплата на големите побарувања од водокорисниците почнаа да даваат ефекти. Долгот од 30 милиони денари е намален за 12 милиони денари, односно за околу 45 проценти. Тоа овозможи претпријатието годинава да реализира повеќе значајни зафати во обновувањето на мрежата на хидросистемот.
„Ставањето на трите најголеми водни заедници ‘Цепенишко Поле‘, ‘Крупиште‘ и ‘Кочани‘ на кои од вкупниот долг од 30 милиони денари отпаѓаат дури 25 милиони денари даде резултат. Корисниците на вода, преку своите водни заедници, конечно, сфатија дека нема вода без да се плати. Тие годинава од браната ‘Калиманци‘ искористија 30 милиони кубни метри вода, кои до нивните ниви немаше да дојдат ако не се интервенираше на оштетените делови од каналската мрежа. До крајот на сезоната, односно до средината на септември, за потребите на земјоделците ќе испорачаме уште 30 милиони кубни метри вода. Со тоа ќе им излеземе во пресрет на нивните пријавени потреби“, вели Донче Тунев, раководител на секторот за односи со водокорисниците при регионалното водостопанско претпријатие, чие седиште е во Кочани.
Летово најголем дел од вработените во ВП „Брегалница“ го минуваат на терен. Формирани се повеќе комисии што ги мерат површините за наводнување пријавени од водните заедници. Мерењата покажале дека во дел од водните заедници биле прикажувани помали површини од реалните, со цел да се плати помала сума за реално потрошената вода. Така, во атарите на Крупиште и на Чешиново се откриени сто хектари поголеми површини, кои биле наводнувани од пријавените за користење вода од овој систем.
„Браната ‘Калиманци‘ преку цела година имаше и има акумулирано големи количества вода. Тоа овозможи и хидроцентралата цело лето да работи со полн капацитет, што влијаеше на подобрувањето на финансиската состојба на претпријатието“, потенцира Тунев. Годинава од водите на хидромелиоративниот систем се наводнуваат околу 6.000 хектари, од нив 4.000 хектари се под ориз. Оризопроизводителите очекуваат одличен род, бидејќи сите услови беа на нивна страна, но и одлична цена за белото злато. „Поради невремето што летово ги зафати Индија, Авганистан и Пакистан, земји кои важат за големи светски производители на ориз, имаме сознанија дека белото злато ќе биде дефицитарно. Со оглед на квалитетот на нашиот ориз очекуваме пласман без пречки и со добра цена“, изјави Стојан Анчев, оризопроизводител од Чешиново. |