Русија воведе забрана за извоз на жито до 31 декември
Од вчера до 31 декември Русија воведува времена забрана за извоз на жито, согласно со владината одлука усвоена на 5 август.
Прашањето за укинувањето на извозното ембарго може да биде разгледано во октомври, откако во Русија ќе стане познат житниот баланс, вклучувајќи го обемот на реколтата.
Невообичаено топлото време во европскиот дел на Русија во изминатиот месец за половина ја уништи реколтата на жито на површина од околу 11 милиони хектари. Поради тоа, руските власти ја намалија прогнозата за производство оваа година за една третина, до 60-65 милиони тони жито, во споредба со 97,1 милион тони минатата година.
Русија може да си дозволи да издвои за извоз во тековната земјоделска година од три до 4,5 милиони тони жито. Според оптимистичко сценарио за реколта од 65 милиони тони, извозот нема да биде поголем од 4,5 милиони тони. Песимистичкото сценарио предвидува реколта не поголема од 60 тони и можност за извоз на најмногу од два милиона тони жито.
Според руското Министерство за земјоделство, на светскиот пазар на жито Русија ќе биде, пред се', заменета од САД, а не од нејзините соседи од Заедницата на независни држави (ЗНД), каде што, исто така, има проблеми со реколтата поради сушата. (МИА) |