Број 3359  понеделник, 16 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Скапотијата ќе ги дотепа сиромашните

Статистика тактизира со податоците за сиромаштијата, што се објавуваа вообичаено во текот на јули

Маја Томиќ

Сиромашните ќе станат уште посиромашни. Скапотијата затропа на врата. Во последните два месеца се зголемени речиси сите цени на земјоделските и на прехранбените производи. Веќе од идниот месец со сигурност се очекува отплеткување на спиралата и пламнување на цените на другите стоки. А, септември и онака е месец на екстра-трошоци, поради почетокот на учебната година, подготвувањето зимница, снабдувањето со огрев. Економската состојба на граѓаните наскоро ќе стане уште полоша, а најзагрозената група, невработените и сиромашните, ќе продолжат да тонат во социјалната бездна.

Се' уште нема податоци за тоа колку изнесувала сиромаштијата во Македонија во минатата 2009 година. Дали се тактизира и се одолжува намерно, од политички мотиви или, пак, пролонгирањето на работите е од технички карактер? Се шпекулира дека бројките, односно стапката на сиромаштија во минатата година ќе биде многу повисока од претходните, па затоа на власта не и' е во прилог таа да се објави таква каква што реално е.

Како и да е, Државниот завод за статистика уште ги обработува добиените информации од мерењата во текот на минатата година. Оттаму велат дека подготовките се во тек и дека до крајот на август би требало да бидат објавени официјалните бројки. „Не станува збор за никакво доцнење“, појаснуваат од оваа институција, туку сега ќе има малку проширени информации, како за сиромаштијата кај децата, на пример, па затоа е потребно малку повеќе време“.

Ова ќе биде втор пат ДЗС да доцни со објавувањето на бројките за сиромаштијата, кои со години се публикуваа порано, во текот на јули. Прв пат се одолжија работите лани кога дури на 3 септември се обелоденија процентите за сиромаштијата за 2008 година. Инаку, во претходните години бројките ги имавме порано за повеќе од еден месец. На пример, за првите податоците за сиромаштијата во земјава, за периодот 2003-2005 година, беа објавени на 14 јули 2006 година.
Податоците за сиромашното население за периодот 2004-2006 година се објавија на 19 јули 2007 година, а на десетти јули 2008 излегоа во јавност бројките за сиромашните лица во 2007 година. Многу извесно е дека и годинава статистичките податоци за сиромаштијата ќе бидат готови најрано на крајот на август, а можеби, исто така, во почетокот на септември.

Инаку, ланските статистички податоци покажаа дека стапката на сиромаштија за 2008 година изнесувала 28,7 проценти. Или дека близу една третина од населението било сиромашно и живеело под минимално прифатливото животно ниво. Експертите што ги коментираа ланските бројки беа убедени дека за 2009 година ќе се регистрира многу повисок процент на сиромашни поради силното влијание на економската криза. Таа токму во 2009 година најсилно удри врз македонската економија, оставајќи без работа илјадници вработени, особено во секторот на индустријата.

Доколку се погледнат статистичките податоци за стапката на сиромаштија во изминатите години, се констатира дека таа, и покрај многуте ветувања на сите влади оти приоритет ќе биде подобрувањето на живејачката на граѓаните и се' помалку сиромашни, никако да оствари значајни надолни поместувања.

Па така, во 2004 година сиромаштијата изнесувала 29,6 отсто, во 2005 била на ниво од точно 30 проценти, додека во 2006 година имала мал благ пад, сведувајќи се на 29,8 отсто. Во 2007 година стапката на сиромашни изнесувала 29,4 проценти, а во 2008 година, последната година кога е измерена оваа појава, сиромашни биле 28,7 проценти од населението.

Иако имало мало намалување на стапката на сиромаштијата во 2008 година, факт е дека од година во година се' поголем дел од населението живее во сиромаштија, а власта не презема никакви мерки. Не е направена сериозна и применлива стратегија за борба со овој децениски проблем, ниту пак, има поконкретни економски позитивни сигнали дека состојбите ќе мрднат кон подобро. Се' уште има околу 350 илјади невработени, а бројката на социјалните семејства е над 50.000, со што Македонија упорно е на врвот на скалата меѓу европските земји и пошироко. Потребно е економскиот раст на земјата да изнесува најмалку 5, 6 или 7 отсто и тоа во континуитет во период од десетина години, па за да може природно и значително да се намали стапката на сиромаштија, посочуваат одамна економските експерти.

Според државната стататистика, најранливи категории се семејствата со повеќе членови, невработените и семејствата во кои главата на домаќинството е лице со завршено основно училиште. Отсекогаш, над 50 отсто од најсиромашните живеат во семејства со пет или со повеќе членови, а повеќе од 40 проценти од сиромашните се невработени.

Според ланската статистика, примањата што ги остварувале семејствата, главно, не ги задоволувале нивните потреби. Над 40 отсто од анкетираните граѓани се изјасниле дека платите не им се доволни за живот, а само 5 проценти рекле дека можат да живеат со своите заработувачки. Половина од испитаниците тврделе дека во 2008 година живееле исто како и во 2007 година, на 10 отсто состојбата многу им се влошила, а само 0,5 проценти живееле подобро. На прашањето со колку пари би можеле да ги задоволат потребите, над една третина од испитаниците рекле дека им се потребни повеќе од 500 евра месечно за нормален живот.

Според светските стандарди, под прагот на сиромаштијата живеат семејства што имаат да потрошат помалку од 2 долара дневно. Нашата статистика не ја дава конкретната сума со колку пари живеат македонските семејства кои се класифицирани како сиромашни. Според ДЗС, „за сиромашни се сметаат лица, семејства и групи лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво што ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење на земјата“. Линијата на сиромаштија, пак, е дефинирана како „ниво на животен стандард што треба да се достигне за едно лице - домаќинство да не биде класифицирано како сиромашно“. (М.Т.)


#
Статијата е прочитана 2160 пати.

Испрати коментар

Од: sloboda
Датум: 16.08.2010 08:48:51
Gradete spomenici! Taka ke se namali siromastijata!
Од: sneska
Датум: 16.08.2010 10:10:57
Зарем ни треба заводот за статистика да и пресмета колку сме сиромашни, не знаевме самите, за колку ли непотребни нешта се фрлија пари, недомаќинско работење.
Од: APSURD
Датум: 16.08.2010 12:20:09
Ca 2000 000 ziteli zemja koj vo drugi zemji so ogle na naselenie e eden pogolem grad . Kade se gleda logikata na ekonomski razvoj ili standard koga ne moze da se izleze od "kalta" siromastija vo edna volku mala zemja so mnog milioneri!!??

Најди! во Утрински
Економија
Зголемена наплатата за вода во Брегалничкиот систем
И покрај руската забрана за извоз, цената на пченицата стабилна
Русија воведе забрана за извоз на жито до 31 декември
ТЕ „Валона“ нема да проработи наскоро
Аранжман со ММФ до крајот на годината
Заштедена енергија за 13.692 домаќинства