И покрај руската забрана за извоз, цената на пченицата стабилна
Рускиот премиер Владимир Путин деновиве издаде наредба од средината на август ниту едно зрно пченица да не излезе од земјата за да не мора самата таа да плаќа повисоки цени за потребите за сопствена исхрана. Минатиот петок цената на пченицата во САД скокна на 8,41 долар за шиник - мерка што опфаќа волумен од 35 литри. Тоа беше највисоката вредност за последните две години и речиси двојно поголема отколку пред еден месец. Но, потоа уследи најголемиот пад за последните 14 години и веќе минатиот понеделник цената на пченицата достигна 6,85 долари. Оттогаш остана на такво пониско ниво.
Русија, која е третиот најголем извозник на пченица во светот, го забрани извозот на пченица за да ги покрие своите потреби
„Разликата во цената над нивото од седум долари може да им се припише на шпекулантите. Сметаме дека фер цена на пченицата е околу шест долари за шиник“, истакна Габор Фогел, аналитичар за суровини во ДЦ банка.
Тој е уверен дека оваа ситуација нема никакви сличности со кризата во 2008 година, предизвикана од долготрајната суша во Австралија, кога гладуваа една милијарда луѓе во светот. Фогел смета дека Русија можеби и ќе се премисли од обѕири кон своите муштерии. Врз актуелната цена се' уште не се одразија многу подобрените изгледи за жетвата во САД, најголемиот извозник на пченица во светот, како и во Австралија, петта земја меѓу извозниците.
„Дури и кога би го немало целокупниот извоз од Русија, кој годишно изнесува 17 и пол милиони тони, САД би можеле како од шега да го надополнат тоа и повторно би им останале за 50 проценти поголеми резерви, во однос на најниското ниво од пред две-три години“, укажува Фогел.
Пораст на цената на пченицата е можен во 2011 година, доколку Русија, поради пожарите, ќе нема веќе каде да сее. Вистински проблем би настанал ако Русија, поради пожарите, остане без доволно површини за садење зимска пченица. Тоа ќе биде познато во ноември годинава, кога е времето за сеење на таа пченица. Поради промените на климата, до 2020 година би можело да се очекува намалување на приносот од жетвите за 4 - 7 проценти во 20-те најголеми индустриски нации, како што прогнозира една студија на банката ХСБЦ. (Дојче веле) |