12.03.2013, 16:33 Хорските ансамбли добија ветување за подобри услови за работа

Неколку диригенти на хорови беа на прием кај министерката за култура, Елизабета Канчевска Милеска
Иако диригентите на неколку хорски ансамбли на прием кај министерката за култура, Елизабета Канчевска Милеска денеска изразија задоволство од третманот кој го добиваат од Министерството, кое преку годишните програми финансиски ја помага хорската музика и нејзината промоција на фестивали, сепак посочија дека очекуваат тоа и да влијае врз институциите од културата во општините за да им отстапат простор за работа. Министерката вети дека ќе побара од центрите и од домовите на културата да направат неделни или месечн�� распореди за проби на хоровите, а дописи освен до нивните директори, најави дека ќе упати и до општинските градоначалници. Според диригентот Сашо Татарчевски проблем за хоровите е и недостигот на средства соодветни на планираните проекти или неможноста да се искористат веќе доделените, што се смета за честа последица на просторниот проблем и на немањето услови да го подготват проектот за кој добиваат пари.
Диригентот на Градскиот хор „Гортинија“ од Гевгелија, Илија Атанасов изрази задоволство од фактот дека за 15-ина години, овој хор за прв пат добил внимание од Министерството за култура. „Ваквиот интерес и стимул ќе ги мотивира и другите области од кои зависи хорската уметност, зашто таа не е само во делот на културата, туку и во делот на образованието. Тука се училишните хорови од кои ние се напојуваме со кадар за аматерските, па и за професионалните хорови“, рече Атанасов. Хорските ансамбл во Македонија се специјализирани за разновидна музика: духовна, оперска, детска и др. по состав се еднородни (машки и женски), мешани и детски („Света Злата Мегленска“, „Менада“, „Лале“, хоровите при Младинскиот културен центар и КУД „Стив Наумов“, Про-арс, „Вардар“, „Гортинија“, „Мирче Ацев“...). Министерството ги поддржува и фестивалите за хорско пеење, како „Тетовски хорски одѕиви-ТЕХО“, „Охридски хорски фестивал“ и републичкиот „Фестивал на детски и младински хорови“ во Кавадарци, како и меѓународната активност на хорските состави.
|