Симфониите на Малер денес се вистински празник
Густав Малер ретко се изведува на македонската сцена. Присуството на макар и едно негово дело во годишниот репертоар на музичките институции се смета за вистински празник
Изведбата на Симфонијата бр. 2 наречена „Воскресение“ од австрискиот композитор Густав Малер ќе го означи почетокот на новата сезона на Македонската филхармонија. На 29 септември на сцената во Домот на АРМ, заедно со Макед��нската опера, а под диригентство на Емил Табаков, ќе прозвучи едно од највеличествените дела во музичката историја, со што ќе се одбележи и јубилејот - 100 години од смртта на големиот Малер.
Густав Малер ретко се изведува на македонската сцена и затоа присуството, па макар и на едно негово дело, во годишниот репертоар на музичките институции може да се смета за вистински празник. Неговите колосални симфонии, особено во последните 30 години најдоа свое место на сите поголеми концертни сцени во светот. Тие се неизоставен дел особено од програмата на германските и австриските оркестри.
Симфонија бр. 2 во це-мол е позната како симфонијата „Воскресение“, затоа што, како што ја опишуваат музиколозите, низ неа провејува мистичен звук на смртта и воскреснувањето. Ова грандиозно дело во пет става, својата премиера ќе ја доживее во 1895 година (пишувана е помеѓу 1888 и 1894 година) во Берлин, под диригентската палка на Рихард Штраус. Првата изведба поминала неславно, токму поради колосалните звучни димензии, но и поради силниот емотивен набој, што за тоа време не било својствено. Публиката не можела да ја прифати нејзината тегобна звучност. Била револуција, донела новитети во рамките на симфониското творештво. Таа е посмртен марш, опишана е како музика што боли, како музика што ги носи сенките на смртта, напати и иронично и гротесктно, но, во целост, таа е стравичен приказ на мистичната смрт. Со оваа симфонија, Малер најмногу се доближува до композиторските принципи на неговиот учител Антон Брукнер. Петтиот став, последниот, е и најдолгиот што трае, околу 30 минути и претставува голема посмртна ода. Инструменталниот дел е пишуван во стил на сценска музика со прикриен цитат од поемата на Вагнер „Идилата на Зигфрид“, чија музика, всушност, е инспирација за овој став. Првите три става се инструментални, додека во четвртиот и во петтиот став се придружуваат два женски вокала и голем мешан хор. Завршува со патувањето на Исус на Голгота, неговото распнување, потоа и воскреснување, а хорот во завршницата пее „Ќе умрам за да живеам“.
Австрискиот композитор Густав Малер (1860-1911) е автор на девет симфонии (десеттата е недовршена) по кои и најмногу се истакнува неговото творештво, иако и циклусите соло-песни се мошне важни воопшто за развојот на класичната музичка литература. Негова најпозната симфонија е осмата наречена „Симфонија илјада“, која името го добива затоа што е наменета за илјада изведувачи, инструменти и вокали. Се смета за еден од најголемите претставници на романтизмот од втората половина на 19 век, а со своето творештво ќе го премости јазот помеѓу Рихард Вагнер и Арнолд Шенберг, всушност, помеѓу романтизмот на 19 век и храбрите музички стремежи на 20 век. Имено, творештвото на Малер може да се подели на две музички подрачја - вокална лирика и симфониска музика. Како што пишуваат неговите биографи, тој не правел разлика помеѓу соло-песните и симфониите, и во едните и во другите го користи човечкиот глас. Но, додека неговите вокални циклуси се со кратки димензии, претежно интимни, топли, неговите симфонии се раскошни. На подрачјето на вокалната лирика, Малер ќе го почне својот творечки век, но во своите симфонии силно ќе го развие до најголемо уметничко совршенство.
Спецификата кај Густав Малер, всушност, се самите теми. Претежно, тие се патос, тие се траурни, мачни и мрачни. Инспирацијата за нив ја наоѓал во книгите на Достоевски, Кант, Ниче и Шопенхауер, а по делото на Рихтер „Титан“ ја нарекол и својата Прва симфонија. Несвесно или свесно, тоа многу се чувствува во неговата музика, Малер продолжува да оди по патеката по која се движеле Вагнер, Моцарт и Брукнер. Малер бил длабоко идеолошки симфоничар. Имал потреба да го изрази сето она што живее во човекот, од љубовта спрема природните убавини, до неговите најдлабоки страдања, од најсреќната радост, до очајот. Во музиката на Малер, важен е тонскиот колорит, важна е силата на тонските бои, зашто токму тие ги даваат споменатите расположенија. Всушност, тонскиот колорит и динамиката на изведбата се основните карактеристики на стилскиот правец „југендстил“ („стил на младоста“) кој владеел на германската културна сцена во времето на преминот меѓу 19 и 20 век и кој се развивал паралелно со експресионизмот, кој, пак, заедно со импресионизмот се развивал во времето на европската доцна романтика.
Густав Малер не бил само композитор. Бил диригент и тој дел од неговата кариера бил навистина значаен. Ги постигнувал истите успеси со оркестрите, како што неговите дела денес се пр��фатени од публиката. Зашто тие наидувале на отпор, Малер бил несфатен за време на неговиот живот, но затоа, пак, денес, неговото творештво се слуша со полно срце. Иако Густав Малер е еден од најинтересните и најоригиналните музички личности воопшто во историјата на класичната музика, во неговото време не го уживал тој углед. Публиката не можела да разбере што тој и порачува преку музиката. За време на Третиот рајх Малеровата музика била наречена дегенерирана, а потоа тешка и оптоварена. Дури во 1971 година, откако Лучино Висконти ќе го сними филмот „Смрт во Веневција“, во кој ќе користи елементи од Петтата симфонија на Малер, делата на овој австриски музички гениј ќе почнат да се изведуваат низ светските сцени. Густав Малер, кој беше речиси заборавен, тогаш ќе доживее ренесанса. Денес, неговите симфонии, особено кога се изведувани од страна на Берлинската филхармонија, претставуваат вистинска свеченост. (Т.И.) |