Границите за нас немаат значење
Ликовната уметница Марија Светиева на тема екологија изложува во неколку града во Србија
Катерина Богоева
Марија Светиева е една од ретките уметници кои годинава го минаа празникот „Илинден“ со презентација на своето творештво во странство. Со најнови дела, работени во изминатите две години, таа се претстави на изложбата „Нов еколошки поредок“отворена на 2 август, во галеријата на Народниот универзитет во Врање.
По затворањето, изложбата ќе го продолжи својот пат во галериите на други градови во Србија. На гостувањето на тамошните „Илинденски денови“, секретарот на Здружението на Македонците во Врање, Гоце Ристевски, ја поканил пред неколку месеци откако, како што вели самата, на интернет ги видел нејзините дела и биографија.
„Во протоколот на настанот беше најавено дека ќе одиме и во манастирот ’Прохор Пчињски‘, но во последен момент одењето беше откажано за да не биде избегната политичка напнатост. Сепак ’Илинден‘ беше прославен убаво и со македонска народна музика и со мојата изложба. Бев пријатно изненадена од големата посетеност на изложбата, како од публиката така и од ТВ-медиумите. Ниту во еден момент не почувствував дека се наоѓам во странство. Луѓето беа љубезни, ми приоѓаа, прашуваа за делата, се фотографираа со мене, а од организаторите добив комплимент дека тоа е најпосетената изложба не само во таа галерија, туку, воопшто, во Врање.“
Во Србија, Светиева досега се претставила неколкупати. На прашањето за сопственото искуство во обновувањето на контактите со уметниците од соседната земја по осамостојувањето на Македонија, таа потенцираше дека во тамошните уметнички кругови секогаш била добро прифатена.
„Понекогаш бев прифатена подобро и од дома, особено Белград ми ги имаше отворено вратите со мојата изложба во 1988 година, а блиски пријатели ми станаа големите уметници Марко Крсмановиќ, Бошко Карановиќ, Душан Гавела и др. И сега, по толку случувања на политичко поле во двете земји, ништо се нема променето во односот меѓу уметниците. Границите за нас немаат значење, туку само делата што ги создаваме. Затоа со посебно задоволство ја прифатив поканата од Македонците во Србија да отворам повеќе изложби низ таа земја, почнувајќи од Врање, по што ќе следуваат Ниш, Кралево, Валево, Панчево и Нови Сад.
Секогаш сум ги одржувала контактите со уметниците без разлика дали сум живеела во Рим, Прага или во Скопје. Уметниците се посебна категорија луѓе кај кои единствена религија е уметноста. Дружењата постојат каде и да се сретнеме, без разлика дали е тоа на нашиот убав Балкан или, пак, во некоја далечна земја. Уметниците од овие простори секогаш биле вплотени и тогаш и за време на СФРЈ и сега“, потенцира Светиева.
На изложбата во Врање таа презентира најнови дела во чиј фокус е екологијата, тема на која го работеше и својот магистерски труд. Говорејќи што е тоа што како автор ја привлекува во нејзината обработка и на каков начин и' пристапува на екологијата, рече: „Во допир со природата се роди мојата последна тема. Во 2010 година магистрирав со графики на тема еколошки приказни, а со екологијата се сретнав 15 години претходно, додека живеев во Италија. Екологијата е потреба да се приближи природата до човекот кој секојдневно ја напаѓа и ја уништува на многу начини. Да му се даде нова можност на зеленилото, на целокупната планета од која зависи нашиот живот. Многу е важно да се открие убавината на Земјата и нејзините вистински плодови, да се чуе животот, времето што поминува, да се види дека тука е градината на рајот. И сето тоа е за наше добро и треба да ја зачуваме.
Всушност, уметниците на ’Ленд арт’ (’Land art’) ја трасираа патеката на новите погледи врз природата. За разлика од нив, јас го водам дијалогот меѓу уметноста и екологијата на мои начини. Моето уметничко истражување се одвива во рамнотежата и хармонијата на одржување на формите. Му давам глас на транспарентното, кршливото и менливото. Се трудам до максимум да ја извлечам убавината на некој елемент или сегмент од природата. Моите експерименти продолжуваат и со техниките или со материјалот што го користам: камчиња, лисја, пластика, хартии, конци и други материјали. Тоа е начин да се разбере магијата на животот, виталната енергија на универзумот“.
Марија Светиева се согласува со нашата констатација дека бројот на уметници во земјава кои работат теми од екологијата е се' уште многу мал, а запрашана зошто, одговори: „Веројатно не се еколошки освестени. Или, пак, сметаат дека екологијата не е доволно добра тема за обработка, што покажува повторно дека не се доволно информирани. Или не ја разбираат и повеќето луѓе во Македонија немаат однос спрема неа“.
На почетокот од изложувањето на своите дела на оваа тема вели дека луѓето што доаѓале на изложбите ја прашувале што значат презентираните графики, што претставуваат сликите. „Сето тоа беше одраз на моите чувства. Значењето во уметноста е имплицитно, а не експлицитно и ако некој бара об��аснување, во суштина, тој не го разбира визуелното изразување. Но, верувам дека нивото на публиката сега е подигнато до потребниот степен за да може да разбере одредено уметничко дело. Делото си има своја интерпретација и без разлика дали публиката ќе разбере, одам понатаму. Секогаш од уметникот се бара да се спушти на ниво на масовната публика, но зошто не се бара од секој гледач да се обиде со своите можности да се приближи до уметничкото дело“, се прашува сликарката, која не ни откри во која насока понатаму ќе се движи нејзиното творештво, верувајќи дека тоа, сепак, ќе го каже времето. „Ако се прават планови или, пак, се наметнува некоја програма, тогаш духот нема да може да биде креативен“. |