Роман на годината
„Жолтата роза од Тексас“
Денеска објавуваме извадок од романот „Жолтата роза од Тексас“ од Тодор Басотов, издание на „Македонски духовни конаци“
Последното танго во Скопје
Јас сум многу млад, а ти толку стара
Тоа драга моја постојано ми го кажуваат
Но, не ми е гајле што зборуваат
Постојано ќе се молам
Ти и јас да бидеме слободни како птици
Горе на дрвјата
Ох, те молам остани со мене Дајана
Морници добивам кога ме прегрнуваш
Моја драга
Ти си најљубената моја Дајана
Не можеш ли да видиш
Те сакам со целото мое срце
Се надевам дека никогаш нема
да се разделиме
Оф, те молам, остани со мене Дајана
Оф, моја драга, оф моја љубов
Кажи ми дека немаш некој друг
Оф оф оф оф оф оф оф
Оф оф оф оф оф оф оф
Само ти можеш да ми го земеш моето срце
Само ти можеш да го распарчиш
Кога ме држиш со твоите љубени раце
Можам да почувствувам како ми го даваш
Својот шарм
Прегрни ме драга, држи ме цврсто
Стегни ме бејби со сите твои мисли
Оф, те молам остани со мене Дајана
Оф, Дајана! Оф, те молам Дајана.
Во неделата попладне во „Машка гимназија“ се одржуваше игранка, на која беа поканети учениците и ученичките од „Женска“ и од „Орце Николов“. Во тоа време најпопуларна беше песната „Дајана“, во изведба на Пол Енка, па редовно игранките започнуваа со „Дајана“. Потоа следуваа песните „Тинтарела ди луна“, „Лав ми бејби“, „Лав летерс ин д сенд“ и... кога дојде на ред песната „О какав месец“, измислена песна за танго „стискавец“ во изведба на Ѓорѓе Марјановиќ, светилките згаснаа и конферансието најави: „Дамите бираат“. Јас седев во еден агол од просторијата, во непосредна близина на оркестарот. Иако не бев многу вешт во танцувањето, особено не во рокенролот, тоа не ми пречеше да уживам во музиката на Елвис Присли, Литл Ричард и Фетс Домино. После она „дамите бираат“, од задната страна ми пријде една женска, ме фати за рамото и ми се обрати:
- Ову ќу да играм са тобом.
Воопшто не очекував некоја од девојките баш мене да ме покани, уште помалку оние на „ИЌ“ од „Орце Николов“, кои беа разгалени генералски ќерки и до кои многу тешко се доаѓаше. Искрено кажано, не бев некој атрактивен фраер за таа фела на женски. Веднаш потоа се слушна мелодијата „О какав месец-о какво море“, а девојката уште на самиот почеток ја презема иницијативата, ме стегна со двете раце околу вратот и ја вметна нејзината долга нога помеѓу моите нозе, нејзиното и моето тело се претопија во едно. Музиката ечеше, „О какав месец-о какво море“, а јас со оваа на „ИЌ“ бев во некои нови простори и димензии од универзумот, оддалечени илјадници светлосни години од гимназијата. По некое време ми се обрати со шепот:
„Јели бре Арсене, хоќеш ли сутра увеќе да изаѓемо? |