„Блесок“ го објави романот „Сон за љубовта и смртта“ на Филип Давид
Издавачката куќа „Блесок“, како четиринаесетти наслов во едицијата современ роман, неодамна го објави делото на Филип Давид „Сон за љубовта и смртта“, во превод од српски на Катица Гароска-Ацевска.
Романот „Сон за љубовта и смртта“ на Филип Давид е магична книга, диптих составен од „Кус роман за љубовта“ и „Кус роман за умирањето“. „Кус роман за љубовта“ зборува за младиот еврејски научник Јаков кого во соништата го маѓепсува една девојка, неговата совршена втора половина, и тој трагајќи по неа низ световите на живите и умрените, минувајќи низ предели на Источна Европа, се дружи со луѓе и сеништа, за на крајот да се соедини со неа во таинствена церемонија на посмртна венчавка. „Кус роман за умирањето“, пак, ја следи чудесната и необичната судбина на аутистот Ерик Вајс роден на 31 октомври во 1933 година, кој затворен во нацистичката установа за проучување паранормални феномени, после војната завршува во лудница за на крајот, да заврши на метафоричен и вистински брод на лудаци.
Книгата е во претпродажба, а акцијата ќе трае до 1 февруари. Романот е објавен со поддршка на Програмата за култура на ЕУ и со поддршка на Министерството за култура на Македонија. (Т.И.) |