Седмиот печат
Стереотипен филм за болката и за загубата
Сунчица Уневска
Српскиот филм „Жена со скршен нос“ на Срѓан Колјевиќ зборува за вечни теми, за тоа како да се преболи и да се живее со загубата или како да се пронајде сопственото место, односно местото на кое му припаѓате. Тоа се навистина исклучителни и силни теми што никого не можат да го остават рамнодушен, тоа се теми што не може да не ве трогнат и да не ве натераат на размислување. Ако на тоа се додаде шокантниот и многу интригантен почеток на овој филм, тогаш се добива формула, која навистина би требало да успее, но, за жал, не е така.
Една жена со скршен нос и со нешто завиткано в раце влегува во такси и на мостот додека автомобилот е заглавен во сообраќајниот метеж, таа одеднаш излегува и се фрла во реката. Дури потоа таксистот ќе види дека во автомобилот останало нејзиното бебе. Овој настан, кој ќе го забележат уште две жени, ќе се претвори во своевиден домино-систем, кој ќе предизвика силни емотивни реакции и сосем ќе го измени животот на овие тројца протагонисти.
Замислата на авторот е тоа да биде пресвртната точка што ќе ги натера да се соочат со своите најдлабоки болки и стравови, да го видат она од што бегаат и да го прифатат неминовното. Замислата е да се создадат силни емотивни стории, силни внатрешни борби и такви неочекувани релации што ќе ве натераат да ги погледнете работите од поинаков агол. Но, се' останува само на замисла, бидејќи Колјевиќ, освен почетокот со кој силно допира до публиката, поради што и го задржува нејзиното внимание, сепак, не успева да го испорача она што го навестува, оставајќи ја на крајот изневерена во очекувањата.
Факт е дека авторот Срѓан Колјевиќ, кој досега има потпишано десетина сценарија, меѓу кои и „Стапица“ и „Небеска јадица“, овде паѓа и не успева да создаде стории и судбини што ќе ги доживеете и на кои ќе им верувате, не успева да им даде спонтаност и природност, ниту, пак, да допре до суштинското во она што самиот го започнува. А започнува и говори за многу трагични настани, чиј подоцнежен развој, за жал, не добива на тежина, туку напротив, приказните стануваат бледи, разводнети, без вистинска моќ да се допре до сржта, ниту, пак, да се извози приказната до крај.
Аница Добра ја игра професорката Аница, која ја крие вистината за загубата на своето дете, додека Бранка Катиќ е аптекарката Билјана, која се обидува да го продолжи животот по смртта на нејзината љубов, но не успева во тоа. Интересно е дека и Катиќ и Добра се одлични актерки, кои овде даваат неверојатно слаби улоги. А тоа и не е чудно, бидејќи нивните ликови се фатени во стапицата на стереотипи, на банални дијалози и бесмислен развој на настаните, што не дава можност за изградба и соживување со ликот. Затоа и играта се сведува на глума, а не на емоција.
Неверојатно е колку Колјевиќ е заглавен во шеми, предрасуди, во некои „вообичаени“ сфаќања од кои се труди да ги изгради своите приказни. Во филмот има толку празни одови и непотребни сцени, кои само треба да ги поддржат однапред утврдените стереотипи за неговите ликови. Таксистот Гаврило и неговите пријатели, кои исто како и тој се бегалци од Босна, се прикажани толку скудно и шематизирано како да станува збор за некоја аматерска приказна. Затоа и не може да ве фати таа борба на Гаврило, кој се двоуми дали да го задржи бебето, а одамна веќе не сака да се врзува емотивно. Станува збор за таква внатрешна болка, која во овој филм воопшто не можете да ја почувствувате.
Истото е и со болката на Аница, која цело време е следена од еден нејзин ученик, кој е обземен со неа и со некоја замислена релација меѓу нив. Но, и тој однос меѓу нив нема некаков развој, освен некои аматерски и сосем неважни ситуации. Додека Билјана својски се труди верно да го одглуми барањето надеж и светлина во мракот со кој се соочува по толку време, но сето тоа останува само на глума што, едноставно, не допира.
„Жена со скршен нос“ е филм што нема внатрешна сила. Тоа е филм преполн со нешто што е веќе видено, но погрешно преработено. Навистина штета. Бидејќи има силна идеја, впечатлив почеток и добри актери, но ја нема базата ниту, пак, силниот мотив и содржина. Филмот е празен, и покрај целиот замислен емотивен влог и позитивна енергија. За жал, едно е тоа што сакате, а друго е тоа да го доловите така за гледачот да му верува и да го доживее. Колјевиќ, очигледно, се зафатил со нешто на што не му е дораснат, и тоа овој филм, и покрај сите адути, го претвора во промашување. |