Последниот преживеанод „Титаник“ ги продава спомените за да преживее
Милвина Дин ќе продаде куфер што го чувала 76 години за да ги плати трошоците во старски дом
ЛОНДОН - Како двомесечно бебе Милвина Дин беше завиткана во вреќа и спуштена во чамецот за спасување на РМС „Титаник“ кој тонеше. Сега Дин, последниот преживеан од таа катастрофа, продава дел од своите спомени за да може да го плати престојот во старскиот дом. Меѓу предметите на Дин се наоѓа и куфер што и' бил даден од нејзиното семејство од луѓе во Њујорк по нивното спасување, и се очекува да биде продаден за околу 3.000 фунти на денешната аукција во Девизес, западна Англија. Дин (96) живее во старски дом во јужниот англиски град Саутемптон, пристаништето од каде што исплови „Титаник“, откако пред две години си го скрши колкот.
„Повеќе не сум способна да живеам во мојот дом“, рече Дин, а беше цитирана од весникот „Садерн дејли ехо“. „Сега продавам се', бидејќи треба да го платам сместувањето во старскиот дом и продавам се' за што мислам дека може да постигне добра цена“. Предметите на Дин ќе бидат дел од продажбата на „Хенри Олдрич и синот“, аукциска куќа специјализирана за продажба на спомени од „Титаник“. Аукционерот Ендрју Олдрич изјави дека клучниот предмет е мал плетен куфер полн со облека и даден на преживеаните членови на семејството на Дин по несреќата.
„Тие, најверојатно, го носеа целиот нивен мал свет во овој куфер“, рече Олдрич. Дин, исто така, ги продава и писмата од фондот за помош на „Титаник“ во кој на нејзината мајка и' се нудат една фунта, седум шилинзи и шест пени неделно како отштета. Во 1912 година бебето Елизабет Гледис „Милвина“ Дин и нејзиното семејство беа патници од најевтината класа кои емигрираа за Канзас Сити, Мисури, на овој огромен брод за крстосување. Четири дена по испловувањето, вечерта на 14 април 1912 година тој удри во санта мраз и потона. Опишан како „речиси непотонлив“ од страна на весниците од тој период, на „Титаник“ немаше доволно чамци за спасување за сите 2.200 патници и членови на екипажот. Дин, нејзината мајка и двегодишниот брат беа меѓу 706-те лица, главно жени и деца кои ја преживеаја несреќата. Нејзиниот татко беше меѓу повеќето од 1.500-те жртви. Дин не знаела дека била на бродот „Титаник“ се' до осумгодишна возраст кога нејзината мајка, кога требало да се премажи, и' кажала за тоа како починал татко и'. Таа не се сеќава на потонувањето и вели дека и е мило за тоа. „Нависти��а не би сакала да се сеќавам на тоа“, рече таа за Асошиетед прес во 1997 година. Дин почна да учествува во активностите поврзани со „Титаник“ во 80-тите години и беше активна и на 90-годишна возраст. Таа го посети Белфаст за да го види местото каде што бил изграден „Титаник“, присуствуваше на конвенциите за „Титаник“ низ светот, каде што таа беше цел на оние кои бараа автограми, и учествуваше во радио и тв-документарци за потонувањето. Последната Американка што ја преживеа несреќата Лилијан Асплунд почина во 2006 година на 99-годишна возраст. И Британката Барбара Џоис Вест Даинтон, која ја преживеа оваа катастрофа, почина во ноември минатата година на 96-годишна возраст. Олдрич покажа дека „огромното интересирање“ за спомените од „Титаник“ не покажува знаци на намалување. Минатата година колекцијата од предмети во сопственост на Асплунд беше продадена за повеќе од 100.000 фунти.
|