Бугарските Европејци од царството на мутрите
Модата „а ла мутра“ се' уште е популарна кај слабо едуцираната сиромашна младина во Бугарија
Веселин Желев Дописничко биро на ВАЦ
БРИСЕЛ - „Мутра“ - бугарски посткомунистички гангстер - купува сосема нов „мерцедес“. Неколку дена подоцна, тој се враќа кај дистрибутерот и бара друга лимузина од истата марка, објаснувајќи: „Пепелниците на првата веќе се полни“.
Животниот стил на Бугарија по распаѓањето на комунизмот беше комичен и ужасна комбинација на богатство и мизерија во најширока смисла на зборот. И, секако, на анонимниот хумор на шегобијците, кој неповреден ја преживеа транзицијата.
Порното беше првото нешто што ги урна табуата од комунистичката ера неколку недели откако беше соборен диктаторот Тодор Живков, со удар во партијата кон крајот на 1989 година. Брзо се појавија експлицитни „еротски“ неделници и ги надминаа во тираж еднакво слободните политички весници.
Додека слободниот печат ги уриваше табуата, естаблишментот на преименуваната Комунистичка партија гледаше назад кон традицијата. Поранешните членови на Политбирото, некогаш воинствени атеисти, навалија во црквите за Божик, доведувајќи ја државната телевизија за да го сними нивниот драстичен пресврт.
Брзиот развој на порното траеше не повеќе од една година по распаѓањето на комунизмот. Весникот „24 часа“ и сродниот неделник „168 часа“ беа првите посткомунистички весници што ги ослободија медиумите и јавниот јазик од здрвените клишеа на комунистичката ера. Новиот печат често пати беше критикуван дека е премногу колоквијален, па дури и вулгарен. И покрај тоа што несомнено беше ослободен од државна контрола, печатот во Бугарија се' уште е далеку од западна прецизност и етички стандарди. Политички. Лојалноста лесно може да се посочи, а одделни новинари се жалат дека сопственоста, наместо цензурата од комунистичката ера, го отежнува независното известување и изразување на мислења. Се' уште е очигледна државната контрола врз државната телевизија и радио, кои се преименуваа во „национални“, и беше формирано „независно“ тело, избрано од парламентот и претседателот за да ги надгледува.
Поранешните комунисти и некои нивни опоненти, всушност, беа повеќе зафатени, правејќи пари и трошејќи ги – често пати на непристоен начин, кој некогаш беше осудуван од официјалниот идеолог. Немаше веќе глупави партиски состаноци со здодевни говори. Богатите коктел-забави станаа општествен настан на новото време. На забавите честопати им претходеа церемонии за осветување вода – модерен начин да се инаугурира нов бизнис во новата класа на „именувани милионери“, кои го извлекуваа нивниот првичен капитал од куферите на поранешната владејачка партија.
Новите богаташи, повеќето поврзани со поранешната Комунистичка партија, сакаа да се опишуваат како „национално одговорен капитал“ – што е уште еден доказ дека антинационализмот е последното бегство во комунизам. Побожното држење свеќа на православна церемонија беше дел од нивните нови јавни ритуали, заедно со коктелите и луксузот. Модата меѓу најбогатите беше да се изгради црква или капела.
И покрај враќањето на јавната сцена, Православната црква никогаш не доби каква било важна општествена улога. Осумдесет отсто од Бугарите се опишуваат како православни христијани, но малкумина се навистина религиозни и редовно ја посетуваат црквата. Многу млади луѓе, првично заинтересирани да се вратат на верата по годините поминати во официјален атеизам, беа разочарани од борбите за власт меѓу свештенството, што резултираа со долгогодишен раскол во Православната црква. Така црквата и религијата повеќе беа обвивка отколку јадро на новото општество.
Да се биде богат не беше веќе погрешно и срамно. Часовниците „ролекс“ и костумите „армани“ станаа дел од статусните симболи на новата класа и сон за амбициозната младина.
Одеднаш комунистите изгледаа поделени меѓу „црвените баби“ (носталгичните конзервативци) и „црвените мобилни телефони“ – поранешната номенклатура, која се пренасочи на бизнис. Освен јасните вертикални разлики меѓу политичките лојалности, општеството беше хоризонтално поделено меѓу огромно мнозинство сиромашни и мало јадро на оние кои брзо се збогатија во услови на политичка нестабилност и правен хаос на транзицијата.
Оттука, се појавија два основни животни стила: еден со вила на Флорида, скијање на Алпите или сончање на Малибу, образование во Европа или Америка за децата, и другиот со секојдневно настојување да се состави крај со крај, работејќи само за основните работи и слободно време ограничено на телевизија и фудбал. И покрај јасното подигнување на животните стандарди и потрошувачката во изминатите три години, Бугарија се' уште е најсиромашната земја во ЕУ – со 38 од нејзиниот просечен БДП по глава на жител, при што повеќе од половина приходи во домаќинството се трошат на храна (комуналните сметки нормално го покриваат остатокот).
„Мутрите“ му додадоа специфични балкански својства на транзицискиот стил на живеење на Бугарија. Родени од посткомунистичкиот правен вакуум и забележани како силеџии во странство, во својата земја тие честопати, од многу обични луѓе, се гледаа како супкултурна замена за нефункционалната држава, или таа што недостига. Бескорисни политичари и недостиг од какви било јасни јавни вредности за да се замени старата идеологија.
„Мутрите“, најчесто поранешни спортисти, беа олицетворение на машка физичка сила, смелост и ефикасност за многу тинејџери и младинци. Нивното брзо и лесно богатство го симболизираше „американскиот сон“ на посткомунистичката генерација – инстантно задоволување од животот. Дејствувајќи во немилосрдното подземје, тие се жалеа дека преземаат реални ризици и се справуваат со реални опасности. Нивната „правда“ беше брутална но ефикасна, наспроти официјалната, која беше само брутална, кога дејствуваше во најдобра светлина.
Модата „а ла мутра“ се' уште е популарна кај слабо едуцираната сиромашна младина од предградијата или провинцијата – куса ренџерска фризура, топ-бренд очила, масивни златни синџири околу вратот, „мерцедес“ или БМВ – може да е третокласен, но брендот е важен – најнов модел на мобилен телефон и скудно облечена секси девојка – јаготката на врвот на тој изглед.
Здравиот стил на живеење без алкохол и цигари, со џогинг, фитнес, сауна и масажа се припишуваат на малата богата елита и некои снобовски мутри. Огромно мнозинство од населението е незадоволно од животот и вообичаено го потопува незадоволството во алкохол. Поради тоа, Бугарија и натаму е меѓу земјите во Европа со највисока стапка на пиење и пушење.
Можеби, исто така, вреди да се спомене дека купувањето имот (земја, куќа или стан) стана блиску до опсеси��а во Бугарија. Банките трескавично ги продолжуваа заемите за купување куќи во последните пет години, поттикнувајќи ги централните банки да воведат рестрикции. Луѓето реагираат така од традиционалните верувања дека недвижниот имот е капитал, кој најверојатно најмалку ќе ја загуби својата вредност во долг период, но, исто така, и поради недостиг од какви било други привлечни можности за инвестиции, со слабо развиениот пазар на акции и финансии и по шокот со хиперинфлација во 1997 година.
|