Филмско сценарио на преминот Богородица
Холивудско сценарио со среќен завршеток се случувал на преминот Богородица на границата со Грција. Триесетгодишен жител на Еритреа два дена лежел под камион, со кој илегално влегол во земјава. На изгладнетиот и изнемоштен маж, кој воопшто не знаел каде се наоѓа, помош му укажале цариниците, кои, практично, му го спасиле животот.
Откако дошол при себе, Африканецот на англиски јазик кажал дека има 30 години, но дека не поседува никаков документ за лична идентификација. Признал дека пред три дена во Грција се сместил во камион со холандски таблички, додека возачот не бил во кабината. Возачот од Холандија, кој превезувал цигари, воопшто не знаел дека во пределот меѓу шасијата и ролетарките имало скриено човек.
Откако ја преминале границата, камионот бил паркиран на терминалот на Богородица. Вчераутро, околу 6,30 часот, цариниците од Службата за мобилни скенери го пронашле изнемоштениот човек. За случајот сега е задолжена полицијата. (Г.А.) |