Двајца македонски државјани загинаа во сообраќајка во Србија
Во несреќата што се случи во Грделичка Клисура, се повредени уште пет лица, меѓу кои и наш државјанин
Двајца македонски државјани загинаа, а еден е повреден во стравотна сообраќајна несреќа што се случи во понеделникот вечерта во Грделичката Клисура на југот од Србија. Во несреќата во која учествуваа два автомобила и еден камион, повредени се уште четири лица.
Од нашето Министерството за надворешни работи соопштија дека според информациите што ги добиле од српските колеги, сообраќајката била кобна за Исни (29) и Абдула Беќири (32), додека повреден е Лирим Беќири (35), тројцата од гостиварското село Србиново. Како што известуваат белградските медиуми, Беќири е надвор од животна опасност.
Според портпаролот на полицијата во Врање, Драган Стаменковиќ, несреќата се случила околу 20,40 часот на излезот од тунелот „Манојло“ на автопатот меѓу Врање и Лесковац.
„Во сообраќајката учествуваа два автомобили со странски регистарски таблички и едно товарно возило со српска регистрација. Деталите околу несреќата ќе бидат познати по увидот што трае“, изјави вчера Стаменковиќ за српските медиуми.
Во Ургентниот центар во Врање биле примени четворица тешко повредени пациенти, и тоа полска брачна двојка и нивното дете, како и еден хрватски државјанин. Во спасувањето на настраданите патници учествувале неколку екипи на Брзата помош од Врање, Владичин Хан, Грделица и Лесковац.
Грделичката Клисура важи за една од црните точки на патот кон Белград, каде што редовно се случуваат трагични сообраќајни несреќи. (Г.А.) |