Лекарите се сомневаат дека фетусот е фрлен по нелегален абортус
Надлежните тврдат дека абортуси на црно нема, но чаршијата коментира дека станува збор за многу доходен бизнис
Киро Кипроски
ГОСТИВАР – Фетусот пронајден во запуштена шахта во центарот на Гостивар најверојатно е фрлен по извршен нелегален абортус. Станува збор за оформен плод стар шест-седум месеци, кој во шахтата најверојатно бил оставен пред една недела. Несудената мајка презела голем ризик одлучувајќи се да ја прекине бременоста во поодмината фаза, со тоа загрозувајќи го и сопствениот живот. Ова се размислувањата на гостиварските гинеколози, кои по обелоденувањето на овој несекојдневен случај, вчера ги разгледуваа сите опции и отворени прашања околу фетусот пронајден меѓу купишта отпад. Тие ја отфрлаат можноста за постоење нелегални абортуси во градот, но гостиварската чаршија, која е згрозена од овој случај, коментира дека станува збор за доходовен бизнис, кој цвета. Ваквите тврдења ги поткрепуваат со фактот дека по легален пат во гостиварската болница годишно се вршат едвај дваесетина абортуси.
Работниците на ЈКП „Комуналец“ завчераутро кога почнале да ја чистат затнатата шахта на канализацијата, на улицата „Павле Аврамовски“ 7/3, од каде што се ширела неподнослива реа, биле вчудовидени кога со лопатата извадиле човечки фетус. Недоносеното бебе било фрлено меѓу отпадоци од шишиња, конзерви и друг отпад, што предизвикало целосно затнување на шахтата.
Овој случај вчера беше главна тема на дискусија на стручниот колегиум на Гинеколошко-акушерското одделение на гостиварската општа болница, која е единствена овластена здравствена организација да врши абортус во Гостиварско.
„Во нашето одделение нема шанса да бил извршен абортусот и плодот да завршил во шахта“, категоричен е Агим Јакупи, началник на Гинеколошко-акушерското одделение. На состанокот со гинеколозите биле отворени прашањата дали некој извршил нелегален абортус, дали била примена пациентка со крвавење поради спонтан абортус или, пак, во друга ординација и' бил извршен прекин на бременоста. Одговорот на гинеколозите бил негативен.
Доктор Јакупи вели дека во гостиварската болница законски е дозволено да вршат абортус до 10. недела на бременоста по барање на пациентката, а над оваа граница се упатуваат во Гинеколошката клиника во Скопје.
Гинекологот Јакупи вели дека и по претпоставка некој од колегите да го извршил аборатусот, според процедура што е воведена, плодот не се фрла. „Ако е голем, се пакува и им се дава на родителите да го погребаат. Биолошките остатоци се ставаат во специјални контејнери“, објаснува тој.
Гинекологот д-р Теута Адемај Бајрами претпоставува дека пациентката за да се ослободи од плодот, одлучила со абортус да ја прекине бременоста. Со тоа презела голем ризик врз сопственото здравје. „Помали се шансите дека станува збор за спонтан абортус. Но, доколку е втората можност, тогаш идната мајк�� немало да го фрли плодот во шахта, туку ќе побарала лекарска помош за од утробата да и' ги отстранат остатоците на фетусот“, објаснуваат лекарите.
По прегледот на фетусот, гинекологот Јакупи објаснува дека станува збор за оформен плод стар повеќе од 26 недели и долг 28 сантиметри. Во шахтата најверојатно бил оставен пред околу една недела. „Несудената мајка презела голем ризик со абортусот, бидејќи бременоста и' била во поодминати месеци“, вели д-р Јакупи.
Во Гостивар работат петмина матични гинеколози, од кои двајца во кругот на гостиварската болница, а тројца надвор од болницата во приватни ординации. Контрола врз нивното работење врши Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Според зборовите на раководителот, д-р Насер Ракипи, никој од петте регистрирани матични гинеколози нема дозвола да врши абортуси. Досега немаат добиено ниту една пријава за такви случаи, ниту, пак, имаат откриено таква појава при контролите што ги вршат.
Меѓутоа, неофицијално кај дел од лекарската фела и кај гостиварци постои сомнеж дека бизнисот со абортуси цвета. Извори, кои сакаат да останат анонимни, велат дека се извршуваат абортуси и се прекинува бременоста и во поодминати месеци, што е мошне ризично за родилката. Сомнежот е уште поголем ако се има предвид и податокот дека во гостиварската болница годишно се вршат едвај по дваесетина абортуси. |