Македонската дијаспора малку го учи мајчиниот јазик
Во Австралија старите одат на почетен курс по англиски за да се разберат со своите внуци, кои не го знаат македонскиот
Билјана Јовановска
„Постои ли некој државен службеник во Република Македонија чие работно место подразбира постојани контакти со македонските заедници во дијаспората? Се запрашал ли некој во колку бранови Македонците се иселиле од татковината?“ Овие прашања вчера на учесниците и на организаторите на Првата конференција на иселенички организации им ги постави Дијана Стериовска, член на Добротворното друштво во Мелбурн, која низ конкретни примери ги посочи проблемите на нашинците во дијаспората. Австралија, како што појасни, издвојува големи износи пари за преводи на акти и брошури на македонски јазик, кои првата генерација наши иселеници не ги разбира, бидејќи не го знаат македонскиот литературен јазик. Од 140 луѓе што ги користеле услугите на ова Добротворно друштво, најголемиот дел биле со завршено четврто одделение, кои не ги разбирале дури ни флаерите за диабетес напишани на македонски, што претставува посебен проблем. Стериовска, исто така, укажа дека дел од постарите иселеници што во Австралија не го научиле англискиот, сега се запишуваат на почетни курсеви за негово учење само ��а да можат да се разберат со своите внуци, кои, пак, воопшто не го знаат македонскиот јазик.
Организаторот на собирот - Агенцијата за иселеништво, се погрижи преку присуството на педесетина претставници на 41 иселеничка организација, да ги слушнат нивните размислувања за изучувањето на македонскиот јазик, за идентитетот, за можностите за стекнување македонско државјанство...
Маја Доневска, член на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ во Торонто, која живее таму 8 години и како што рече, спаѓа во т.н. новодојденци, предочи дека интересот за учење на македонскиот јазик е се' помал и добива загрижувачки размери. Ако пред 40-ина години еднаш неделно часовите по македонски ги посетувале од 100 до 150 лица, сега оваа бројка е падната на 10-15. Поголемиот дел од нашинците во Канада, вели, се изјаснуваат како Македонци, но еден дел од нив се' уште се плашат да го кажат своето потекло. Во тој контекст ја спомена иницијативата на некои иселеници, во тамошната црква „Св. Климент“ на МПЦ половина богослужба да се одржува на македонски, а половина на англиски. Образложението било дека така повеќе ќе ги привлечат децата, наспроти фактот дека станува збор за Македонска православна црква, во која приоритет мора да е токму мајчиниот, македонски јазик.
Митко Јованов, основач на „Учи македонски - онлајн“ во Германија, ги пренесе позитивните искуства, нагласувајќи дека познавањето на македонскиот јазик е клучно за зачувување на идентитетот. Во иста насока беа и размислувањата на Ратко Димовски од Пула, кој смета дека колку повеќе ние се откажуваме од нашиот идентитет, толку повеќе им оставаме простор на оние што не' негираат, додека Зекирија Шаиноски, наставник по македонски во Словенија, го отвори прашањето зошто нашите амбасади немаат податоци за бројот на иселениците во секоја земја.
Конференцијата продолжува денес во Клубот на пратениците и учесниците ќе разменуваат мислења на две теми - можности и постапка за стекнување државјанство на РМ и остварување на избирачкото право. |