БРИТАНСКИ МУЗИЧКИ НАГРАДИ
Дафи најдобра меѓу колегите
Британската пејачка со интересна боја на гласот Дафи беше прогласена за најдобра во музиката за изминатата година на доделувањето на Британските музички награди, освојувајќи три награди. Наспроти нејзиниот успех, за најголеми губитници се сметаат групата „Колдплеј“ и „Тејк дет“ кои, и покрај петте номинации, останаа без ниту една статуета.
Во средата навечер средиште на случувањата беше лондонската „Арена“, каде што се доделуваа музичките награди на најдобрите во изминатата 2008 година. На манифестацијата најголем успех оствари Дафи (24), која понесе статуета во три категории, и тоа за најдобра британска пејачка, најдобар дебитант и за најдобар албум.
Во категоријата сингл на годината, наградата ја понесе женската група „Грлс алауд“ со хитот „Ветување“, а за најдобри изведувачи во живо се прогласени членовите на групата „Ајрон мејден“.
Домаќини на доделувањето беа Џејмс Корден и Мет Хорн, кои и' се познати на публиката од серијата „Гевин и Стејси“, а како нивна соработничка на сцената се појави и Кајли Миног.
Во меѓународните категории, најголеми добитници се американските рокери „Кингс оф Лион“ со освоени две награди, и тоа за најдобра група и за најдобар албум.
Титулата најдобар изведувач ја доби раперот Кани Вест, додека во женската категорија победи контроверзната Кети Пери.
Вистинско изненадување на вечерта беше изведувањето на на��новиот сингл на „У2“ - „Get On Your Boots“. |