Број 2917  петок, 20 февруари 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Наука

Претходен број


Site Meter
Забава

МАГАЗИН

Сите светла насочени кон Индиецот Рахман

Кои се главните играчи за музичките награди на годинешните „оскари“?

АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ

Номинациите во престижната категорија на авторска филмска музика започнуваат со одличниот француски композитор Александар Десплат, кој ја напиша музиката за големиот филмски хит The curious case of Benjamin Button, во кој игра мегаѕвездата Бред Пит и Кејт Бланшет. Овој автор годинава се закити со втора номинација на „оскарите“ откако 2006 година беше номиниран и за музиката за филмот Queen. Интересно е што за потребите на новиот филм за кој, всушност, е номиниран Десплат, тој познат по својата мегаломанска природа и перфекционизам, ништо не остави на случајот и реши ова свое музичко дело да го сними со голем студиски симфониски оркестар во Холивуд, составен од 87 инструменталисти, а за потребите на еден дел од трејлерот, тој насними и хор од момчиња кои потекнуваат од јужен Лондон. Александар, кој има француско и грчко потекло, започнал со свирење пиано уште од својата петгодишна возраст, а паралелно ги усовршил и инструментите труба и флејта. Тој е човек што има широки познавања за музиката и бил склон на повеќе музички влијание кои му ги вдахнале неговите учители од неколку континенти. Филмот, особено музиката е покриена со една безвременска магичност за која лично е заслужен овој креативен Французин, а тој не сака многу да зборува за својата музика, инсистирајќи неговите музички трикови, сепак, да останат тајни. Би се рекло дека музиката претставува едно добро одработено дело со класичарски предзнак, а во моменти на пауза се насетува и одреден џез-дел. Критичарите велат дека ако не се суди според популарноста и комерцијализираноста на одредени хитови (кои би им дале поинаков ефектна нивните музики), сепак, мора да се признае дека токму партитурите на Десплат ја имаат таа силина, надмоќ и високо ниво кое е потребно за да се добие престижниот „Оскар“ за најдобра филмска музика.

Негов лут ривал, би рекле, е и ветеранот Џемс Њутн Хауард, кој годинава ја понесува и својата осма номинација на доделувањата. Тој годинава оди како композитор на музиката на воениот Defiance, режиран од Едвард Цвик, кој е сместен во источните региони на Полска од периодот на германската окупација на Полска во Втората светска војна. Овој филм го носи популарниот Бонд - Дениел Крег, а успехот на филмот, секако, е потурнат и со одлично напишаната музика од страна на Хауард. Човекот кој ги пишуваше музиките за Michael Clayton, The village, My best friend's wedding и многу други бил неверојатно инспириран од сценариото на филмот и така се впуштил во оваа креативна приказна. Овој американски оркестратор и композитор има навистина импресивно музичко образование и музичко искуство, па во неговата биографија е интересен и податокот дека одредено време (во младите години и во 70-тите и 80-тите) бил придружен член на бендот на Елтон Џон, свирел клавијатури, па дури и го искористил своето класичарско знаење да аранжира гудачки секции за некои од најголемите хитови на Елтон Џон од тоа време како Don't Go Breaking My Heart и Sorry Seems To Be The Hardest Word. Овој буквално растргнат од работа и најбаран и најценет композитор во Холивуд во текот на своите обврски успеа да ја создаде и музиката за големиот филмски блокбастер Бетмен - Црниот витез, во што му помогна и познатиот Ханс Цимер. Но, нивниот пех се состоеше во тоа што филмот воопшто не беше ниту номиниран за најдобра филмска музика затоа што контроверзната одлука ја донела академијата поради фактот што едноставно овој филм и неговата музика биле дисквалификувани поради фактот што повеќемина луѓе ја пишувале (повеќе од петмина). Попусто биле убедувањата од страна на композиторите дека Хауард и Цимер се автори на музиката, додека другите само помагале во снимањето. Како и да е, сепак, ова ќе биде и понатаму една контроверзна одлука на жирито, кое не смееше да ја изостави музиката на тој светски филмски хит од натпреварувањето.

Понатаму, во конкуренцијата го имаме Дени Илфмен, кој се закитува со четвртата номинација едноподруго на „оскарите“ со најдобра филмска музика и тоа за филмот Milk во кој глуми извонредниот Шон Пен. Дени е познат и како одличен автор на музиката за филмовите Big fish (2003), Good Will Hunting (1997), Men in black (1997), за кои, исто така, беше номиниран, но не се здоби со награда. Овој американски музичар и композитор, кој особено е познат по тоа што пишува најмногу музика за филмовите на Тим Бартон, има и свои други особености што го прават влијателен и ценет. Тој е автор и на вонвременската тема на популарното семејство Симпсонови, а беше и лидер на рок-бендот Oingo Boingo се' додека не се нафати со оваа, условно кажано, сериозна композиторска работа околу филмската музика. Според него, му било предизвик да пишува музика за овој биографски филм, посветен на Харви Милк, еден од првите искрени борци за геј-правата и првиот што јавно и без скрупули признал за својата сексуална ориентација во рамките на Америка. Инаку, за Дени е интересно дека се ожени во 2003 година со познатата актерка Бриџет Фонда, со која го има синот Оливер. Овој контроверзен автор со еврејско потекло ги црпи своите музички влијание од секаде низ светот, а во неговата филмска музика може да се насети руското класичарско влијание (од времето на Прокофјев,Стравински и балетите на Чајковски), а тој обожава и да користи големи грандиозни хорови во своите филмови.

Доаѓаме и до човекот на кого се насочени сите светла на филмскиот свет, а тоа е творецот на музиката на можеби најконтроверзниот, најбараниот и најискомерцијализираниот светски филмски хит Slumdog millionaire, Индиецот А.Р. Рахман. Овие три негови годинешни номинации (за најдобра музика и две за најдобра водечка песна) веројатно се највисок дострел на овој индиски композитор, кој сета своја желба, љубов и работа ја насочил кон овој филмски производ. Тој музиката и партитурите ги обмислувал и планирал неколку месеци, а ��и завршил за две недели. Тој веќе го доби признанието „Златен глобус“ за 2009 за најдобра филмска музика, што е момент за престиж и факт што нешто кажува и во поглед на „оскарите“. Тој уште со своите први филмски дела стекна огромна база на обожавачи низ светот, а ги заслужил и сите можни паралелни награди во текот на своето творештво. Во 2003 година имаше податок дека тој дотогаш продал над 100 милиони копии од неговите музички филмски дела и саундтрак-албуми, а интересен е фактот што истовремено тој успеал да продаде и повеќе од 200 милиони аудиокасети (во неразвиени подрачја каде што се' уште слушаат на касетофони). Токму со овие податоци и неговата осаменост на врвот на продажбите, Рахман преку своите дела успеа да се здобие со прекарот индискиот Моцарт.

Последен во оваа категорија е и творецот на музиката за анимираниот филм Wall-e за популарното роботче Томас Њумен. Томас веќе десет години чека во чекалницата на номинираните за „Оскар“, а во листата на негови номинирани дела се појавуваат и музиката за рипчето Немо, Road to perdition, American beauty и многу други. Тој е релативно нов во овој филмски музички свет и почнал да се занимава во 2005 година. За потребите на анимираната научна фикција од лабораторијата на извонредните Пиксар, Њумен се впушти комплетно во музичкото оживување на оваа интересна приказна и за потребите на оваа соработка постојано патуваше кон Лондон, каде што ја работеше насловната нумера Down to earth заедно со Питер Габриел. Подоцна за потребите на филмот, Њумен преправи одредени делници од партитурите и насекаде вметна фрагменти од оваа инспиративна мелодија, која ја напиша заедно со Габриел.

Во категоријата за најдобра песна на филм оваа година Академијата отиде со скромна понуда, нешто на што многумина од критичарскиот свет им забележаа. Тука значи ја имаме гореспоменатата водечка нумера од филмот за роботот Wall-e која ја напишаа заедно Томас Њумен и Питер Габриел, на текст на Габриел. Понатаму во оваа конкуренција ќе се борат уште две нумери кои се потпишани од еден ист автор – Индиецот Рахман, односно тоа се нумери од филмот Slumdog millionaire - Јai ho и O saya. Би рекле дека со право се бунат оние што очекувале во оваа категорија да се најдат и песни од типот на The Wrestler од Брус Спрингстин, онаа на Клинт Иствуд за Gran Torino, I thought i lost you од Мили Сајрус за анимираниот хит за кучето Болт или, пак, Бијонси со Once in a lifetime од филмот „Кадилак рекордс“. Истото ова го констатиравме и за категоријата најдобра филмска музика каде што неоправдано е изоставена феноменалната напишана музика за хитот Бетмен – „Темниот витез“, авторско дело на Цимер и Хауард. Останува да видиме кој ќе ги понесе лаврите и кои ќе бидат коментарите што ќе висат во воздухот на 81. доделување на „оскарите“ на 22 февруари.


Статијата е прочитана 374 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Немања Павлов скандалозен победник
Дафи најдобра меѓу колегите
Смирени тонови за претстојната есен
Гафовите значат неинформираност
Провев од препев