Смирени тонови за претстојната есен
Модните критичари беа едногласни дека на Модната недела во Њујорк се почувствува рецесијата
Во периодот од 13 до 20 февруари средиште на модната сцена беше Модната недела во Њујорк, каде што светски познатите модни дизајнери имаа можност да ги прикажат креациите за претстојната есенска сезона.
Општ заклучок од она што го понуди Модната недела е дека во земјата од каде што започна глобалната економска криза рецесијата се почувствува и на модните писти.
Наспроти очекувањата за експериментирање со бои, комбинирање повеќе трендови или креации за високиот џет-сет, Њујорк им отстапи место на скромните идеи и смирените тонови, давајќи и' предност на црната класика и златниот сјај.
Како најпосетени се покажаа модните ревии на машката и на женската есенска модна линија на гигантот Келвин Клајн, за кого кружат приказни дека работел со огромна загуба минатата година, па постои опасност дека во некоја од наредните ревии би можел да го откаже своето учество. Потоа за невообичаената дама меѓу креаторите Трејси Рис, која и годинава ја промовираше идејата за спортско-елегантен стил, препознатливите вечерни тоалети на Мишка, за моделите на Марк Џејкобс, модните парчиња на Дона Каран и Каролина Херера, како и неизбежните спортски тренди парчиња на Ла Кост.
Секако, неизоставен дел од ревијата беа и моделите што им се омилени на тинејџерите „Мис сиксти“ и „Дизел“.
Иако оваа модна неде��а важи за една од најпосетените во светот, овој пат гламурот изостана и поради недостигот од бројни славни имиња кои се редовни гости на ваквите настани. Како дел од публиката можеа да се забележат уредничката на списанието „Вог“, Ана Винтур, која ја искористи можноста да ги демантира гласиштата дека заминува од магазинот, потоа Хајди Клум во друштво на својот сопруг, актерката Џенифер Лав Хјуит, симпатичната Линдзи Лохан, раперот Кени Вест, актерките Џулија Стајлс и Џесика Бил.
Меѓу нив најголема модна икона, која веќе одлучила да купи дел од моделите презентирани на Модната недела во Њујорк, секако, е Парис Хилтон.
|