Радост на „пингвините“ по дури 110 минути против Детроит
Хокеарите на Питсбург ја намалија предноста на Детроит на 2:3 во финалната серија на НХЛ лигата, со победата на гостински терен против апсолутниот фаворит за освојување на титулата во годинашното најквалитетно хокеарско првенство на светот. По неверојатна драма и дури 110 минути борба на мраз во „Џое Луис Арена“ во Детроит, триумфот на популарните „пингвини“ им го донесе Чехот Петр Сикора.
Сепак, треба да се напомене дека јунак на победата на Питсбург беше нивниот голман Марк Андре Флури, кој успеа да сопре неверојатни 55 шутеви упатени кон неговиот гол. Инаку, оваа средба започна одлично за гостинскиот тим кој во првиот дел односно по 15 одиграни минути имаше предност од 2:0. Во втората четвртина Детроит успеа да намали преку Дарен Хелма на 2:1, а до комплетен пресврт дојде во третиот период кога популарните „црвени крила“ од Детроит, со головите на Датсјук и Рафалски го свртеа резултатот во нивна корист (3:2). Упорните гости успеаја да израмнат буквално во последната минута од регуларниот тек на мечот со голот на Макс Талбот во моментите кога нивниот тим играше без класичен голман со еден хокеар повеќе во поле. Фантастичното продолжение на натпреварот, кое траеше 50 минути, го реши Петр Сикора по одличната асистенција на Малкин.
„Многу добро го познавам карактерот на моите момчиња. Тие се одлично подготвени, и сметам дека кога станува збор за финалната серија се' уште ништо не е решено“, изјави веднаш по завршувањето на мечот гостинскиот тренер Мајкл Теријен, кој зрачеше од задоволство поради победата на неговиот тим.
„Им реков на соиграчите дека чувствувам дека се' ќе биде добро за нашиот тим. Имав впечаток дека ќе постигнам гол и не се излажав“, изјави јунакот во редовите на „пингвините“, Петр Сикора. Серијата продолжува во Питсбург, каде што екипата на Детроит ќе ја брка победата која за овој тим ќе значи освојување на шампионската титула. |