Бостон и Л.А. Лејкерс го обновуваат ривалството
В четврток наутро овие два клуба ќе го имаат првиот меч од финалето во НБА - лигата во оваа сезона
По пауза од две децении „воените секири“ во НБА лигата повторно се откопани. Во четврток наутро ќе заживее најголемото ривалство во американската професионална кошаркарска лига. За шампионскиот прстен ќе одлучуваат екипите на Бостон (16 титули) и Л.А. Лејкерс (14 титули).
Ова ќе биде 11. финална пресметка меѓу овие две екипи кои, според многумина, се рбетот на НБА лигата. Билансот по досегашните 10 е на страната на „селтикси“ кои водат со 8:2. Последното меѓусебно финале екипите на Бостон и Л.А. Лејкерс го одиграа во далечната 1987 година во кое славеа „езерџиите“. За нив тогаш настапија Меџик Џонсон, Карим Абдул-Џабар, Џејмс Ворти, Бајрон Скот, Мајкл Купер, а против себе ги имаа „келтите“ Лери Бирд, Роберт Периш, Кевин МекХејл, Денис Џонсон, Дени Ејнџ....
Во витрините на овие две екипи има вкупно 30 трофеи од досегашните 61 сезона во НБА лигата. Без разлика кој ќе победи овојпат, Бостон и Л.А. Лејкерс, ќе се израмнат со останатиот дел во лигата по бројот на освоени шампионски прстени. За Босон ова е биде 20 финале во НБА лигата, додека Л.А. Лејкерс има четири повеќе.
Од 1957 година до 1969 година Бостон беше апсолутен владетел во кошарката. Од можните 13 титули „селтикси“ освоија 11 во низа, што е најдолга победничка серија во историјата на американскиот професионален спорт. Од нив 11, седум беа против Л.А. Лејкерс, а најинтересен беше оној во 1969 година. Кошаркарите од Лос Анџелес поведоа тогаш со 2:0 меѓутоа Бостон успеа да се врати во живот, израмни на 3:3 и се избори за „мајсторка“ на теренот на „езерџиите“. А, таму „селтикси“ ја забележаа првата победа во сезоната (108:106) за конечни 4:3, додека на играчите на Л.А. Лејкерс им остана како утеха наградата МВП што заврши во рацете на нивниот Џери Вест.
„Војната“ меѓу овие два клуба продолжи во осумдесетите години од минатиот век. Од 1980 година до 1989 година Бостон и Л.А. Лејкерс освоија осум од деветте титули. Ривалството се следеше низ повеќе димензии, Лери Бирд против Меџик Џонсон, Истокот против Западот, работничкиот Бостон против гламурот на Холивуд, па дури и на расна основа - белата соблекувална на „селтикси“ против црната на „лејкерси“. Конечно тоа повторно заживеа, финале кое го посакуваа голем број вљубеници на кошаркарската игра. Задоволството не го крие ниту Комесарот на лигата, Дејвид Штерн, кој од се' ср��е сакаше да го види возобновеното ривалство меѓу Бостон и Л.А. Лејкерс.
Сите натпревари ќе бидат директно пренесувани на МТВ 1, а снимки од мечевите ќе можат да се проследат наредниот ден на МРТ Собранискиот канал со почеток во 17 часот. |