Заштита на Студенчишко Блато за враќање на ендемското богатство
Симон Илиевски
ОХРИД - Студенчишко Блато, срцето на флората и фауната на Охридското Езеро, по дведецениска деградација, конечно, ќе се ревитализира. Експертите тврдат дека природниот феномен што се протега на 40 хектари, на просторот од Билјанини Извори до хотелот „Парк“, е природен феномен што треба да се заштити најитно.
Тука е тајната подземна врска меѓу блатото и езерото, како и протокот на планктонот со кој се хранат ретката охридска пастрмка и другите видови риба. Повеќедецениското фрлање цврст отпад ги покажа негативните резултати врз биодиверзитетот на брегот на езерото и стана причина за промена на мрестилиштата за рибите.
Според д-р Марина Талевска од Македонското лимнолошко друштво, под купиштата цврст отпад се кријат ендемични растителни видови кои во светот ги има само на неколку места во јужна Франција.
На вчерашниот почеток на градежните работи за ревитализација, кои ги финансира Министерството за животна средина и просторно планирање, беше најавено дека ќе се среди само дел од затрупаното блато. Доколку се успее во тоа, ќе се вратат во живот многу автохтони ендемични видови растителен и животински свет, кои заедно со езерото се заштитени од УНЕСКО.
„Се претпоставува дека во Студенчишко Блато се фрлени над 2.500 кубни метри цврст, пред се' градежен отпад, со што целосно е прекината природната врска меѓу блатото и езерото. Овој пилот-проект треба да ја подигне јавната свест за овој природен споменик стар неколку милиони години“, смета Дејан Пановски, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање. Според него, целта е да се ограничат вредните површини од блатото, да се ревитализираат и да се заштитат од урбанизирање.
Пилот-проектот за ревитализација на Студенчишко Блато го иницираа веб-порталот „Охрид-њус“ и Македонското лимнолошко друштво. Горан Момироски од „Охрид-њус“ објасни дека градежните работи ќе завршат за еден месец и дека во рамките на исчистениот простор ќе се направи посебна ботаничка градина со ретки растенија, меѓу кои и жолтиот локвањ. Проектот за Студенчишко Блато со 600.000 де��ари го финансира Министерството за животна средина и просторно планирање. Од кај нив велат дека тоа е само иницијатива на која треба да и' се придружат локалната самоуправа, другите државни институции и странски донатори. |