Клиниките повторно ќе се спојат во Клинички центар
Уставниот суд ја поништи одлуката на Владата за поделба на Клинички центар на 32 посебни субјекти
Јасмина Јовановска
Уставниот суд речиси по двомесечно натегање вчера конечно ја поништи одлуката за поделба на Универзитетскиот клинички центар на 32 нови субјекти. Одлуката за трансформација на Клиничкиот центар е понишетна зашто е незаконска и Владата не може да го дели Клинички центар кога негов основач е Собранието, објаснуваат во Уставниот суд. Со поништување на одлуката поделениот Клинички центар треба да се врати во првобитната состојба, односно 32-те установи повторно треба да се обединат и да функционираат како една целина, објаснуваат правните експерти. Во Министерството за здравство вчера не сакаа многу да ја коментираат поништената поделба на Клинички центар и што планираат да преземаат. „Какви мерки ќе се преземат ќе се изјасниме кога ќе ја добиеме одлуката, дејства кои секако ќе бидат согласно со одлуката на Уставниот суд и со Уставот“, беше краткиот коментар од Министерството за здравство.
Од Уставниот суд велат дека одлуката за поништување на поделбата на Клинички центар до Владата и до Министерството за здравство ќе биде доставена следната недела, кога се очекува да биде објавена и во „Службен весник“. Тогаш одлуката ќе стане правосилна, со што поделбата на Клинички центар, која била донесена на 26 јуни 2007 година, станува неважечка, односно како и да не постоела. Клинички центар мора да се врати во првобитната состојба, а одлуката на Владата е поништена, затоа што судот оцени дека се повредуваат уставните вредности поделба на власта на законодавна, извршна и судска и владеење на правото. „Не може Владата да носи одлуки за поделба на Клинички центар кога оваа јавна здравствена установа е основана од Собранието. Уште повеќе што Собранието се' уште постои и се' уште има ингеренции да носи одлуки за основање и промени на статусот на здравствените установи. Со ваквата одлука е направен прекршок и Владата навлегла во законодавната власт“, објасн��ваат од Уставниот суд. На тоа што Министерството за здравство се вади на измените од март 2004 година и дека со нив има право да носи вакви одлуки, во Уставниот суд велат дека не може измените да важат ретроактивно. „Владата може да основа и да дели новоформирани установи, но само оние по март 2004 година, а не и пред тоа“, велат во Уставниот суд.
Со поништување на одлуката, Клинички центар дефинитивно треба да се врати на старата состојба. Клиниките, вкупно 32, треба да се спојат во една целина. „Поништената одлука значи дека Клинички центар треба да се врати на состојбата од 26 јуни 2007 година, со последниот Управен одбор и со последниот директор“, вели Борче Давитковски, професор од Правниот факултет. Ако треба да се врши поделба на Клинички центар, тоа значи дека таа постапка исклучиво мора да се одвива преку Собранието.
Ако трансформацијата на Клинички центар падне на Уставен суд, неофицијално се зборуваше дека Министерството за здравство има план Б. Едно од можните решенија е клиниките да се поделат на пет целини интерни клиники, кардиологија, хируршки клиники, гинекологија, инфективна клиника и заеднички служби. Но, и ваквата поделба, за да биде валидна, треба да оди преку Собранието. Како трет план што се врти во јавноста е секоја клиника да стане холдинг-компанија.
На тоа кој ќе ја понесе одговорноста за економската штета од ваквата неуставна поделба на Клиничкиот центар правните експерти велат никој, односно евентуално може да има само политичка одговорност, а и таа ќе и' се припише на претходната влада, која е во заминување. |