Со подмладен состав за подобар резултат
Тренерот на Македонија, Ѓорѓиевски, ќе им даде шанса на помладите играчи на денешниот реванш меч со Бате Борисов
Миодраг Мицковиќ
Иако во спортот и во фудбалот се можни чуда, никој не верува дека нашиот шампион Македонија од Ѓорче Петров ќе успее да го мине првото претквалификациско коло за Лигата на шампионите, особено по онаа слаба игра и убедливиот пораз во Скопје против првакот на Белорусија, Бате Борисов, од 2:0. На денешниот меч фудбалерите на Македонија се решени да го поправат слабиот впечаток од првиот натпревар во Скопје, тренерот Илчо Ѓорѓиевски подготвува многу измени во составот се' со една цел, рамноправно да му се спротивстави на шампионот на Белорусија на неговиот терен.
Веќе е сигурно дека нема да настапи Нијаз Лена, кој остана во Скопје. Зошто на ваков потег се реши тренерот Ѓорѓиевски, не ни е познато, меѓутоа, Лена беше еден до послабите играчи во првата средба. Може да се случи во екипата да го нема и најголемото засилување во летниот преоден рок, Ивица Глигоровски, кој не се наигра во Скопје, него најверојатно ќе го замени Клечкаровски.
Од тројцата Бразилци ќе игра само Аугусто Карлос, додека преостанатите двајца ќе седат на клупа.
Можно е во Борисов да не настапи и капитенот Благоја Милевски, кој беше виновен за вториот гол на првиот меч, на негово место би играл Игор Кралевски, кој исто така, дојде во Македонија како големо засилување во летниот преоден рок.
- Морав нешто да менувам бидејќи и сами видовте како игравме и колку грешки направивме на првата средба со Бате Борисов во Скопје. Верувам дека тоа нема да се повтори во реваншот. Свесни сме дека предноста на нашиот домаќин е голема, но ние ќе се обидеме со добра игра да се претставиме пред љубителите на фудбалот во ова мало грат��е во непосредна близина на Минск, беа зборовите на тренерот Илчо Ѓорѓиевски. Средбата со Бате Борисов беше добра поука за моите фудбалери бидејќи премногу го преценивме нашиот противник на првата средба и тоа ни се одмазди.
Дознаваме дека Ѓорѓиевски подготвува уште една измена во тимот, во првиот состав ќе го нема искусниот Милан Илиевски кој, исто така, не се прослави во Скопје, на негово место ќе се појави младиот Горан Силјановски на кого Македонија сериозно смета во новото првенство.
И покрај победата од 2:0 во Скопје, во Борисов владее големо интересирање за средбата на нивниот миленик против првакот на Македонија. стадионот собира околу 4.000 гледачи и сите билети се распродадени. Средбата почнува во 18 часот по наше време, а ќе ја суди Финецот Тони Асума. |