Дарио Милевски победник во два натпревара
Дарио Милевски со грлото Ѓилда, победи во два од трите натпревари во финалното, четврто, коло во државното првенство во прескокнување пречки што викендот се одржа во коњичкиот центар „Грива“ во скопската населба Маџари во организација на КК „Процес“. Членот на коњичкиот клуб „Дона“ најпрво триумфира во прескокнување пречки до 1 метар пред клупските колеги, Дарио Милевски со грлото Арија и Зоран Шапкалиевски со грлото Гром.
Дарио Милевски потоа беше најдобар и во вториот натпревар во прескокнување пречки на височина од 1,10 метри. Второто место во оваа категорија го освои Шапкалиевски, трет беше Трајко Димитров со грлото Скипер од коњичкиот клуб Вивакс.
По освоеното трето и второ место, Шапкалиевски, дочека да се радува во третиот натпревар во прескокнување пречки на височина од 1,20 метри. Втор беше Круме Наумовски со грлото Виктор од коњичкиот клуб Процес, на третата позиција заврши Димитров со Скипер од КК „Викакс“. (С.Д.)
|