Французите живеат за Тур де Франс
Хероизмот на велосипедистите и пејзажите на Франција ја прават оваа трка уникатен настан во светскиот спорт
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - „Летово во Франција се случува еден настан со огромен дострел. Секој Французин лично ќе биде градител, така како што јас барам од секого, тој ќе вика: - Напред Пупу! По должината на патиштата на Тур де Франс. Сите овие охрабрувачки гласови се шанса за вечна Франција. Да живее Републиката! Да живее Франција!“
Во анимираниот филм Les Triplettes de Belleville („Трите сестри од Белвил“), госпоѓата Суза, придружувана од трите стари дами, се одѕива на драматичниот повик на генералот Шарл де Гол да го спасат идниот велосипедски шампион на Франција, соочувајќи се со сите опасности.
Денес на Тур де Франс нема големи француски шампиони способни да ја понесат жолтата маичка на Елисејските полиња од калибарот на Пулидор, Копи, Бобе, Анкетил или пак Бернар Ино кои во повоениот период ја испишаа славата на Тур де Франс.
Кога кај Хенри Дегранж, директор на весникот „ Л’Ауто“ и неговиот соработник Жео Лефевр, се роди идејата за велосипедска трка околу Франција на 20 ноември 1902 година (првото издание беше во 1903 година) тие сигурно воопшто не ни помислувале дека нивната замисла еден век подоцна не само што ќе живее, туку ќе биде една од најгледаните и најпопуларни спортски манифестации, веднаш по Олимписките игри и Светското првенство во фудбал.
Трката е родена на почетокот на ХХ век, кога никој не можеше да замисли дека е можно да се спроведи една велосипедска трка низ Франција, долга 2.500 километри. Жео Лефевр, новинар во весникот „Л’Ауто“ ја имаше таа идеја. Директорот на весникот, Хенри Дегранж ја имаше храброста да му поверува на својот новинар и да вложи многу во Тур де Франс. На 1 јули 1903 година, шеесет храбри велосипедисти ги јавнаа нивните велосипеди во Монтжерон и тргнаа во непознато. По шест „нечовечки“ етапи (како на пример Нант-Париз долга 471км), само 21 учесник успева да стигне на целта. Првиот победник е Морис Гаран.
Трката веднаш предизвика вчудоневидување и внимание. Весникот „Л’Ауто“ ги држи своите читатели во неизвесност и публиката е покрај патиштата каде поминуваат тркачите. Французите се опфатени од пасијата за нивните нови херои Потие, Пети-Бретон или Пелисие, подоцна за Вието, Мање или Ледук. Покрај приврзаноста за нивните херои Французите го сакаат овој атипичен спортски настан кој ги става во прв план нивните градови, села, пејсажи и од 1910 легендарните планини. Тур де Франс живее со своето време, со првите платени одмори во 1936, страда од Втората светска војна, се отвора кон остатокот од светот, влегува во виорот на спортот-спектакл и спортските скандали.
Тур де Франс денес не е дел само од француското спортско и културно наследство, туку и од светското. Во една анкета реализирана минатата година за „Журнал ди Диманш“ околу 52 отсто од Французите велат дека ја сакаат нивната Тур де Франс, иако 78 отсто се сомневаат во чесноста на победниците на трката. Дури 80 отсто од испитаниците на „Журнал ди Диманш“ се залагаат за поголема борба против допингот во велосипедизмот.
Но тоа не ја намалува нејзината популарност. Сомневањата предизвикани со бројните допинг скандали, без сомневање ја погодува кредибилноста на постигнатите победи, но не и популарноста на трката.
На Французите не им треба повикот на генералот Де Гол за да излезат во целата должина од годинашниве околу 3.500 километри на патиштата и улиците на кои поминуваат околу 180. велосипедисти. Нив не ги плаши ни сонцето, ни дождот. Минатата година трката ја следеа 120 телевизиски и 76 радио канали од 25 земји. Трката се пренесува во 180 земји од кои во 168 директно и ја следат околу 3.600 акредитирани новинари и техничари од 26 земји. На интернет се приклучуваат околу 6 милиони посетители за да знаат каде поминува трката или пак за резултатите. Покрај патиштата се појавуваат околу 15 милиони гледачи, кои понесени од трката не внимаваат на нивната безбедност што некогаш носи и човечки жртви, како последната, кога загина жена во Безансон.
Тие што имале прилика да се најдат на Тур де Франс можат да сведочат за специјалниот амбиент кој владее меѓу гледачите, разгалени од рекламниот караван кој им фрла како на „разгалени деца“ мали подароци.
Еве што забележавме на една од етапите на Тур де Франс. Секој од нашите соговорници има своја причина зошто излегол да ја следи трката. „Бидејќи јас живеам тука, таа поминува пред мојата куќа и јас само излегов од дома“.
Но не излегуваат сите од својот праг за да ја видат трката. На телевизиските преноси сигурно сте ги забележале бројните кравани и трајлери паркирани покрај патот. Тие доаѓаат од цела Европа, но и од подалеку. „Јас сум Американка и тука сум за да го бодрам Ленс Армстронг.“
„Тоа е многу убава и најголема велосипедска трка, позната во целиот свет. Затоа има многу народ“, ни објаснува нашиот соговорник. „Секогаш ние ќе ја организираме Тур де Франс, трката ја гледав уште кога бев малечко дете. Убаво е да се гледа, штета што не поминува почесто. Но Франција е голема, кога не поминува кај нас, ја гледам на телевизија. Пејсажите се прекрасни, нашата земја е навистина многу убава“.
Тур де Франс е како вистински телевизиски фељтон. Фељтон чие сценарио, секојдневно го пишуваат 180 актери, или модерни каубоји јавнати на нивните велосипеди. Многумина ја следат трката заради убавите пејсажи, снимани од хеликоптерите, замоците, манастирите, врвовите на планините, питорескните села. Им се воодушевуваат на спортските подвизи на тркачите.
„Тие прават демонстрација за целиот свет. Велосипедизмот е индивидуален спорт, треба да се биде храбар за да се практикува овој спорт. Без разлика на временските услови тие се на велосипедот, тоа е супер“.
Трката ја следат сите возрасти сите социјални класи од седум до седумдесет и седум години. „Имам деведесет и пет години и сакам да гледам како поминува Тур де Франс“, ни вели една дама седната на столица пред својата куќа.
Дали има разлика меѓу трките од нејзината младост и денешните:
„Беа и тие убави, но не толку добри како денес, на времето беа подискретни, денес се многу побучни“. Таа ни признава дека редовно секое попладне ја следи трката на телевизија и ги познава денешните актери. Таа ни се доверува дека има многу убави спомени поврзани со трката. „Мојот прв син се роди на денот кога Тур де Франс поминуваше низ моето село, Сан Морис.“
Најмладите гледачи само што започнаа да ги градат своите спомени за трката и веќе имаат свои миленици.
Велосипедската трка, влијае многу за практикувањето на овој спорт кај младите, најчесто како забава.
И наеднаш пред гледачите поминува првиот велосипедист, се слушаат извици на поддршка: „Ајде, напред! “ Тие го бодрат исто како и останатите велосипедисти, но тешко успеваат да ги препознаат, тие возат со околу 50 километри на час.
„Не успеав да препознам никого, имаше премногу во пелотонот... Препознав само една екипа, тоа е се'. Но тие се многу храбри, им се восхитувам. Прекрасно, јас сум во екстаза кога ги гледам“.
Легендите на Тур де Франс се плетат секојдневно. Некој пат тие раскажуваат убави случки некогаш трагични. Како таа на Кристоф Манжан пред неколку години кој по водството од 170 километри, на само петстотини метри пред целта, несреќно падна пред својата домашна публика во Нанси. „Навистина бев кај мене, патот добро го познавав како и последната кривина каде што паднав, штета...“, рече тогаш со многу жалење.
Контадор го презеде водството
Шпанскиот велосипедист Алберто Контадор, победник на Тур де Франс во 2007 година, го презема водството во генералниот пласман на годинашнава трка. Многумина тврдеа дека неделната 15. етапа, од Понтарие до Вербие во должина од 207,5 километри, би можела да биде клучна или пак, да ја покаже сликата која ќе се гледа по неа, па се' до крајот на трката.
По испаѓањето на Леви Липхајмер, единствен вистински конкурент на Контадор требаше да биде неговиот колега од казахстанскиот тим Астана, Американецот Ленс Армстронг, кој во изминативе години, седум пати во Париз дојде со „жолта маичка“.
Но, ниту Армстронг, нити кој било друг, не успеа да го следи Контадор во завршната нагорнина на неделната етапа. Последните десет километри Контадор ги искористи за напад, а сите останати, подобро или полошо, го следеа неговиот луд ритам кон целта. На крајот Контадор победи пред Енди Шлек кој заостана 43 секунди. Италијанецот Виченцо Нибали заостана една минута и три секунди, а уште еднаш одличен беше Британецот Бредли Вигинс кој заостана една минута и шест секунди, и моментално е на третото место во генералниот пласман. Ленс Армстронг на целта стигна со минус од една минута и 35 секунди и сега во генералниот пласман е на второто место со заостанување од една минута и 37 секунди.
Генерален пласман:
1. Алберто Контадор (Шпа) 63 часа 17:56
2. Ленс Армстронг (САД) + 1:37
3. Бредли Вигинс (ВБ) 1:46 |