Заврши европската приказна за Македонија ЃП
И во реваншот, нашиот шампион Македонија загуби од Бате Борисов со 2:0
Европската приказна во квалификациите за Лигата на шампионите за првакот на Македонија траеше само 180 минути. Толку Македонија од Ѓорче Петров беше присутна на европската фудбалска сцена. И во реваншот, „жолтите“ доживеаја пораз од 2:0 против Бате Борисов, исто како и на првиот меч. За разлика од средбата во Скопје, во Борисов прикажаа за нијанса подобра игра, но тоа не беше доволно, ниту барем за реми, за некое чудо и да не говориме. Само еднаш во текот на целиот меч се заканија дека можеби ќе го направат реваншот поинтересен кога во 59 минута по асистенцијата на Попол, Ивановски се најде сам пред голманот на Бате Борисов, но не успеа да го совлада. И тоа беше се' што го направија играчите на Македонија. Повеќе се бранеа, но прашање е што бранеа, бидејќи имаа негатива од два гола, а на крајот, во финишот на мечот шампионот на Белорусија со двата гола ја заврши работата и се пласира во второто коло што навистина не му беше тешко по големата предност од првиот натпревар.
Во 83 минута беше скршен отпорот на Македонија, која барем се надеваше дека ќе извлече реми и ќе го подобри малку рејтингот на македонските клубови во годинашниве настапи на европската сцена, но тогаш по еден „карамбол“ во нивниот шеснаесетник топката дојде до Сосоновски кој од неколку метри ја уфрли во мрежата на Пустињаковиќ.
Во судиското продолжение, непосредно пред последниот свиреж на финскиот судија Асума, Родионов го постигна и вториот гол.
На овој меч тренерот на Македонија уфрли неколку нови играчи во тимот: Кралевски, Попол, Монтанари, Ѓурѓевиќ, но и тоа не помогна да се спаси од убедлив пораз.
На мечот со Борисов Македонија играше во состав: Пустињаковиќ, Илиевски, Амбурет, Мојсов, Монтанари, Клечкаровски (Менегон), Ивановски (Ѓурѓевиќ), Карлос, Попол (Глигоровски), Митрев, Кралевски.
|