Милано на „излет“ во Копривица
Тренерот Еркан Јусуф има проблеми околу составот на тимот, кој во првиот меч загуби со 4:0
За фудбалерите на Милано настапот во квалификациите за новата формирана Европска лига беше практично само прошетка во првото коло. Загубија дома во првиот меч од хрватскиот претставник Славен Белупо од Копривница дури со 4:0 и заминаа на реваншот практично на излет, како туристи, како поинаку да ги наречеме, по срамниот пораз во Куманово на првата средба. Беше јасно дека тимот, по низа турбуленции и заминување на клучните играчи, не беше подготвен за настап во Европа, но бидна што бидна, поправен веќе нема. Останува денес, доколку тоа воопшто можат да го направат, да извлечат подобар резултат отколку во Куманово, но и тоа ќе биде тешко бидејќи тренерот Еркан Јусуф има големи проблеми да го состави тимот. Од четирите засилувања (ако се тоа) од Србија, само еден има право да настапи во Копривница, бидејќи има комплетни документи. Тоа е голманот Александар Дакиќ. Но, дали ќе добие шанса да брани, останува да реши тренерот бидејќи младиот Марковски и покрај четирите примени гола во Куманово, го спаси Милано од повисок пораз.
Освен тоа, стандардните првотимци Брандо и Цецелија имаат проблем со своите пасоши, издадени во Косово. Со оглед дека екипата на Милано ќе патува преку Србија, со нив не можат да патуваат овие двајца фудбалери бидејќи Србија не ги признава косовските пасоши. Тие треба да заминат за Приштина, оттаму со авион во Загреб за да можат да стигнат до Копривница и да настапат против Славен Белупо. Во секој случај, Милано со многу проблеми отпатува на реваншот, кој е практично само формалност за тимот од Куманово, за жал. (М.М.) |