„Инженерски прстен 2008“ за осум дипломци

Црвенковски: оваа мотивирачка награда ќе претставува предизвик за натамошно лично усовршување
ОХРИД - Претседателот Бранко Црвенковски вчера по петти пат го врачи признанието „Инженерски прстен 2008“ на осум најдобри дипломци на техничките факултети.
Во обраќањето пред присутните на церемонијата, Црвенковски изрази верување дека оваа мотивирачка награда ќе претставува предизвик за нивно натамошно лично усовршување како предуслов за успешна професионална кариера.
„Вакви талентирани кадри - инженери на Република Македонија и' се неопходни заради остварување на сите наши стратегиски определби, а најмногу заради нашиот квалитетен економски раст и развој во иднина“, истакна Црвенковски.
Претседателот на Инженерската институција, Александар Димитров, рече дека токму инженерскиот кадар е движечка сила на економијата. „Се очекува и во Македонија, во овој период на интензивно спроведување на голем број реформи, инженерскиот кадар да биде клучен предуслов за брз економски развој и успешно вклучување на нашата земја во евроатланското семејство“, истакна Димитров.
Добитници на „Инженерски прстен 2008“ се Катерина Банџо од Факултетот за земјоделски науки и храна, Бранислав Ѓорѓевиќ од Архитектонскиот факултет, Бојан Јованоски од Машинскиот факултет, Бојан Симовски од Шумарскиот, Гоце Тасески - Градежен, Емилија Тошиќ - Технолошко-металуршки, Киро Триводалиев - Електротехника и информатички технологии и Зоран Трпевски од Техничкиот факултет во Битола. (МИА)
|