„Форбс“
Бил Гејтс пак изби на врвот на најбогатите во светот
ЊуЈорк - Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, се врати на првото место на годишната листа на списанието „Форбс“ на најбогатите луѓе во светот, додека „гуруто“ по инвестиции, Ворен Бафет, и мексиканскиот телекомуникациски магнат Карлос Слим загубија по 25 милијарди долари, пренесоа светските агенции. Во светската криза која минатата година ги зафати финансиските пазари, Гејтс загуби само 18 милијарди долари и сега има 40 милијарди долари. Бафет има 37 милијарди, а Слим 35 милијарди долари. Финансиската криза тешко се одрази врз светскиот клуб на милијардери. Десетте најбогати луѓе на планетава загубија вкупно 238 милијарди долари, што е повеќе од БДП на Ирска или на Израел.
Вкупниот број милијардери на листата за 2008 година се намали на 793 лица во споредба со 1.125 од претходната година. Нивното вкупно богатство сега изнесува 2,4 трилиони долари, додека една година порано изнесуваше 4,4 трилиони. Просечниот милијардер сега има три милијарди долари, а во 2007 година имал 3,9 милијарди.
Лани најмногу капитал загуби Индиецот Анил Амбани, кој од 31,9 милијарди долари, сега остана со 10,1 милијарди. Неговиот сонародник Лакшми Митал, исто така, има сериозни загуби, бидејќи од 25,7 милијарди долари, сега остана со 19,3 милијарди. Најпогодени од кризата се милијардерите во Русија и Кина, дозволувајќи им на Американците повторно да доминираат на листата со 10 од првите 20 места.
Њујорк ја замени Москва како град со најмногу милијардери на листата - 55 лица, следен од Лондон со 28. Москва е трета со 27 милијардери. (МИА)
|