Експремиерот Георгиевски во одбрана на Тупурковски
Љупчо Георгиевски беше последниот сведок во случајот „Тајвански кредити“
Љубиша Станковиќ
Со сведочење на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, судскиот процес, кој повеќе од една година се води против тогашниот директор на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски, и неговиот заменик Јован Андонов, е доведен до самиот крај. Всушност, Георгиевски вчера беше единствениот и последен сведок во овој судски процес, кој започна во февруари мината година, а се води поради таканаречните „тајвански кредити“.
Георгиевски рече дека АОР била формирана со владина одлука и дека таа претставувала државна институција, чија цел, помеѓу другото, била унапредување на земјоделството.
„Сметавме дека како нова влада, а по победата на парламентарните избори во 1998 година, треба да направиме нешто со што ќе се привлечат странски инвестиции, па во таа насока беше формирана и АОР која и ден-денеска функционира“, рече експремиерот Георгиевски. Тој се обиде да ги појасни проблемите со кои се судрила тогашната влада, појаснувајќи притоа дека владата била под силен мониторинг на ММФ и Светска банка во поглед на трошењето на средствата од буџетот.
„Ние немавме средства за стимулирање на економијата, па дури ни за ’гаснење пожари’ и токму поради овој проблем се јави потреба од формирање на Агенцијата за обнова и развој“, посведочи Георгиевски. Сведокот рече дека му е познато оти ресорните министри кажувале каде и кому треба да му се даде кредит, но тој не можеше да каже ништо повеќе за тоа, бидејќи не учествувал во нивното договарање и потпишување. Сепак, според Георгиевски, министрите од неговиот кабинет укажувале на потребата за кредити за тутунот и за винарството. Тој немаше дилема дека доделувањето на кредитите одело преку деловните банки и дека со нив бил направен договор за соработка со АОР.
Поранешниот премиер даде потврден одговор на прашањето за давање приоритет на земјоделството, со појаснување дека се работело за владина програма. Георгиевски позитивно одговори и на прашањето за постоење кризи со тутунот и откупот на грозјето. На прашање на обвинетиот Тупурковски за постоење на генерална програма за развој, спроведувана преку министерствата и АОР, сведокот одговори позитивно.
Сведочењето на експремиерот можеби ќе потраеше и подолго, но Основниот суд Скопје 1 остана без напојување со електрична енергија, па од тие причини и дел од записникот се водеше рачно, односно се бележеше на хартија.
За крајот на овој месец се одредени два термина кои ќе се искористат за давање завршни зборови, а веќе следниот месец ќе биде изречена и пресуда. |