САД
Напаѓачот од Алабама убивал „по список“
Меѓу жртвите на Меклендон се неколку членови на неговото семејство, и сопругата и ќерката на локален полицаец
АЛАБАМА - Човекот кој уби 10 лица во серија престрелки во американската држава Алабама, а потоа се самоуби, подготвил „список за отстрел“, јавија официјални извори. Иследниците го открија списокот додека го пребаруваа домот на напаѓачот. Мајкл Меклендон (28) ја запалил својата куќа, а потоа отворил оган врз куќи, продавници и возила во градовите Самсон и Женева во близина на границата со Флорида. Меѓу жртвите на Меклендон се неколку членови на неговото семејство, и сопругата и ќерката на локален полицаец.
„Најдовме список на луѓе со кои соработувал, луѓе кои му згрешиле“, рече окружниот обвинител на округот Кофи, Гери Мекалилеј. На списокот се наоѓаат имињата на неколку поранешни работодавци на Меклендон, меѓу кои и работодавците од фабриката за колбаси од каде што заминал неодамна.
Крвопролевањето започна кога Меклендон ја застрелал мајка си во куќата во Кинстон, во близина на Самсон, каде што живееле двајцата. Потоа телото на а мајката го ставил на кауч и ја запалил куќата. Меклендон, исто така, ги убил четирите кучиња во куќата, јавија официјални лица.
Потоа тој се упатил кон една куќа во Самсон каде што ги застрелал вујка си и двајца роднини, како и сопругата и ќерката на заменик-локален шериф Џош Миерс, кои биле во посета во куќата. Другата ќерка на заменикот Миерс е повредена во инцидентот и се лекува во локалната болница од повреда на ногата предизвикана од куршум или шрапнел. Откако го напуштил домот на неговите роднини, Меклендон продолжил во соседната куќа каде што ја убил својата 74-годишна баба, јавуваат официјални извори. „Го збриша семејството“, рече судскиот вештак од округот Кофи, Роберт Причерс. Потоа тој возел низ Самсон, убил двајца пешаци и едно лице кое возело пик-ап камион.
Од Самсон, Меклендон се упатил 19 км на исток во Женева. Во еден момент полицајците налетале на неговиот автомобил и притоа размениле оган. Началник на полицијата на Женева, Френки Линдсеј, рече дека неговиот панцир го спасил кога Меклендон отворил оган од автоматско оружје врз неговата патрола. „Моето возило го погодија околу 11 куршуми. Некои шрапнели од куршумите го погодија моето рамо“, изјави тој за Би-Би-Си. Меклендон истрелал вкупно 30 куршуми во престрелката со полицијата, јавија официјални лица. Еден од полицајците во престрелката бил заменикот Миерс, кој во тоа време не знаел дека неговата сопруга и ќерка веќе се убиени од напаѓачот. Потоа, Меклендон влегол во фабрика за метални производи каде што работел некогаш и се самоубил.
Иако откривањето на „списокот за отстрел“ на Меклендон би можело да ги обелодени неговите мотиви, полицијата истакна дека се' уште не ја знаат причината за нападите. Во истрагата им помага ФБИ.
Обемот на убиствата е досега незабележан во историјата на оваа држава. (Би-Би-Си)
|