Банкари, дајте адреналин за фирмите!
Малите фирми треба да ја повлечат локомотивата за економски раст в година, ама за да се случи тоа, бараат помош од државата и од банките
Соња Маџовска
Ако крвотокот на стопанството е малиот и средниот бизнис, тогаш итно му е потребен адреналин од банките.
Малите фирми треба да ја повлечат локомотивата за економски раст в година, ама за да се случи тоа, бараат помош од државата и од банките. Тие повикуваат, конечно, да се врати оптимизмот и замрзнатите пари да почнат да се вртат, бидејќи две години наназад се задушија во неликвидност и слаб обрт. Вчера на заедничка маса малите и средните фирми од Сојузот на стопански комори, Владата и банките се договорија и ги поставија стандардите за следната година. Особено упатија порака до банкарите да бидат пофлексибилни в година, за да се оствари повисок и кредитен и економски раст.
„Ако изминативе две години се продуцираше страв и резерви, време е да почнат парите да се вртат на домашниот пазар. Со оглед на тоа што извозниот сектор излезе од кризата, поради заздравувањето на странските пазари, сега е време да се врати оптимизмот меѓу домашните фирми. Среќна Нова 2011 со расчистени долгови кон стопанството, осигурани од пожар, со нови кредити од ЕИБ преку МБПР, со зголемен кредитен раст од банкарскиот сектор и усогласена монетарна и фискална политика“, ваква желба, но и порака, упати претседателот на ССК, Златко Калеников, до бизнисмените, Владата, НБМ и до банкарите.
На вчерашната конференција бизнисмените му упатија новогодишна честитка и на гувернерот Петар Гошев, максимално да ја релаксира монетарната политика и да ги ограничи аукциите на благајнички записи, бидејќи годинава тој беше главен чувар на парите.
„Секоја среда имаме неограничено влечење на ликвидноста. Банките можат преку благајничките записи, ако сакаат, и сите пари да ги врзат. Тоа не е логично во време на криза. Сега во НБМ има замрзнато 870 милиони евра, дел на благајнички записи, дел како задолжителна резерва. Значи, ликвидни средства има, треба тие да се искористат“, порачува професорот Томе Неновски.
И министерот за финансии, Зоран Ставрески, смета дека банките имаат доволно средства за да ги финансираат фирмите. Според него, за тоа доволно зборува фактот што депозитите годинава се зголемени за 13,5-14 отсто, а порастот на кредитите е само 8 отсто. „Создадени се сите предуслови во 2011 да паднат каматите. Од Нова година од повеќето банки има најава за пониски каматни стапки“, изјави Ставрески.
Дека ќе има зголемена кредитна активност, но не и многу пониски камати најавуваат и банкарите. Директорката на Прокредит банка, Јованка Јолевска- Поповска, очекува кредитирањето в година да се зголеми за 15 отсто. На располагање на фирмите им стојат и средствата од кредитната линија од Европската инвестициска банка, чија искористеност досега е 65 милиони евра. Министерот Ставрески најави дека веќе се водат разговори со ЕИБ, кога од оваа кредитна линија ќе се искористат 80-85 ��илиони евра, веднаш земјава да добие уште 100 милиони евра. „Пари има за сите, доколку можеме оперативно да ги преточиме во проекти“, истакна Ставрески. Инаку, од ССК се пожалија дека ниту една членка од фирмите на Сојузот нема добиено кредит, а забележаа што оваа кредитна линија стана достапна и за големите фирми. „Големите фирми со три кредити ќе ги стопат овие пари. Како пчели работевме две години да дојдат овие кредити, сега мечката ќе ни го украде медот“, изјави Калеников.
Сепак, бизнисмените договорија средба со Владата и со банките за да се види како може побрзо да се искористат овие средства и да се лоцираат причините зошто е бавно повлекувањето. А со банките ќе се разговара да се пролонгира рокот на отплата, барем до седум години.
Покрај пристапот до кредити, бизнисот побара и подобра наплата на долговите. Предложија воведување систем на автоматско плаќање на обврските до 30 дена, меѓу фирмите, а за државата најмногу до 45 или до 60 дена од доставување на фактурата. Ако нема должникот средства за наплата, веднаш да му се блокира сметката и автоматски да се отвори стечајна постапка. Бизнисот побара трошоците за судските постапки да ги плаќа должникот, а не доверителот. (С.М.) |