„КБ публикум“ ќе основа два нови фонда
Друштвото за управување со инвестициони фондови „КБ публикум инвест“ ќе основа два нови отворени фонда и тоа „КБ публикум - паричен“ и „КБ публикум - обврзници“. На овој начин, овој инвестициски фонд сака да ја прошири понудата на пазарот и да им обезбеди нови можности за вложување, пред се', на поконзервативните инвеститори што сакаат да ги вложат парите во помалку ризични инструменти.
„КБ публикум - паричен фонд“, средствата на инвеститорите ќе ги вложува во депозити на банки, инструменти на пазарот на пари и во краткорочни должнички хартии од вредност од најбонитетни издавачи. Порастот на вредноста на имотот на ваквите фондови се очекува да биде побавен, но континуиран, а тие најчесто се користат како алтернативен начин за краткорочен пласман на вишокот на средства, како управување со дневна ликвидност. На потенцијалните инвеститори ќе им се нуди хибриден депозит по видување, со поконкуренти стапки од алтернативните облици што стојат на располагање на македонскиот финансиски пазар.
„’КБ публикум – обврзници‘, пак, се инструменти на пазарот на пари, краткорочни должнички хартии од вредност од најбонитетни издавачи, државни и корпоративни обврзници и банкарските депозити“, информираат од „КБ публикум“. Оттаму додаваат дека целта на овој алтернативен облик на штедење е заштита на вложувањето од пазарните осцилации и валутните ризици, како и обезбедување висока ликвидност придружена со постојан раст на вредноста на уделот. (Ек.Р.) |