Продолжува тивкиот бојкот на откупот на тутун
Откупот на тутунот почна пред три дена, во законски утврдениот рок, но веднаш се појавија проблеми
Тутунарите од Прилепско се' уште не сакаат да го носат тутунот во откупните пунктови. Не се задоволни од процената на квалитетот и од цената што им ја нудат откупувачите.
Според Сојузот на тутунските здруженија, тивкиот бојкот на производителите продолжува. Тие за идната недела најавуваат средба во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со откупувачите.
„Министерот е загрижен за ситуацијата и сака да се вклучи во решавањето на состојбите. Го информирав дека незадоволството кај тутунарите е поради понудените цени што не соодветствуваат на квалитетот“, изјави Данчо Милески, претседател на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители.
Откупот на тутунот почна пред три дена, во законски утврдениот рок, но проблеми се појавија веднаш зашто откупувачите понудија максимум 130 денари за килограм, наместо 190 денари, колку што изнесуваше ланскиот просек, а тоа е најмалиот износ што го побараа производителите. Тие дојдоа на откупните пунктови со договорените количини и си ги вратија назад, незадоволни од процената и од цените. Со оглед на трошоците што годинава пораснале за речиси 50 отсто, но и на квалитетот на тутунот, за кој тврдат дека е одличен, остануваат на барањето да им се исплатуваат по 250 денари за прва класа, 200 за втора и 170 денари за трета класа или 190 денари просечна откупна цена, исто како што беше лани.
„Оваа година тутунот е со невиден квалитет, без какви било мани и оштетувања, но, сепак, не се проценува како прва класа. Поради тоа, производителите не го даваат“, истакна Милевски.
Пред почетокот на откупот, Сојузот очекуваше дека ќе биде откупено целото производство што се проценува на околу 25.000 тони. Над 15.000 тони тутун се од Прилепскиот регион. Според најновите измени на Законот за тутун, откупот треба да заврши заклучно со 15 март. (Ек.Р.) |