Премијата за ЕП најдоцна до среда
Наместо ракомет, репрезентативките и вчера тренираа фудбал, денеска средба со Михајловски
Роберт Димитриевски
Премијата од 30.000 евра од Ракометната федерација на Македонија за освоеното седмо место на Европското првенство женската репрезентација треба да ја добие најдоцна до среда. Тоа е последното во низата ветувања од Федерацијата, која претходно им вети дека наградата за пласманот во вториот круг на еврошампионатот во Македонија ќе им ја исплати на 27 мај, кога почнаа подготовките за јунскиот мундијалски бараж со Австрија. За денеска е најавен состанок со претседателот на РФМ, Михајло Михајловски.
Во меѓувреме, наместо ракомет, репрезентативките продолжија да тренираат фудбал. Вчерашниот претпладневен тренинг предвидуваше трчање на кејот на Вардар, но и тоа отпадна поради лошото време, па повторно се играше фудбал во сала.
За синоќа беше најавено доаѓањето од Хрватска на Јулија Портјанко, која потпиша договор со Подравка. Интернационалките Олга Бујанова и Наташа Коцевска последни ќе се приклучат на 3 јуни, бидејќи викендов имаат првенствени настапи за своите клубови, првата во Русија, а втората во Германија.
Македонија прво ќе ја пречека Австрија на 7 јуни од 20,15 ч. во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, а реваншот е пет дена подоцна во Инсбрук.
Портјанко две години во Подравка
Македонската ракометна репрезентативка Јулија Портјанко во следните две години ќе ги брани боите на некогашниот европски првак Подравка од Копривница, за која настапува и капитенот на националниот тим Наталија Тодоровска. По заминувањето од Ѓорче Петров по Европското првенство во Македонија 26-годишната Украинка со македонски пасош до крајот на сезонава играше за турски Ускудар.
„Мило ми е што потпишав договор и се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата, а јас ќе го дадам максимумот на сите натпревари“, изјави Портјанко, која во освојувачот на двојната круна во Хрватска ќе ја пополни позицијата десен бек, иако шутира со десната рака и може да игра на кое било место во бековската линија.
Јулија Портјанко кариерата ја почна во Галичанка од Лвов, има настапувано и за јуниорската селекција на Украина, а во 2002 година ги засили ѓорчепетровки. Таа е второто странско засилување за Подравка по голманката на Ѓер, Орсолија Хер. |